Повисок данок за постари автомобили

Со увозот на половни возила од државата се одлеани 600 милиони евра за една деценија

Додека увозниците на половни автомобили се подготвуваат за втор протест против високите давачки за увоз на постари автомобили, упатените велат дека оваа мерка е неопходност за да се намали аерозагадувањето со кое хронично се мачиме.

Увозниците на половни возила ширум земјава обединети преку Националното здружение на граѓани увозници на половни автомобили „Регулатив“ утре повторно ќе излезат на мирен протест пред зградата на Царинската управа за да го искажат својот револт од законските измени кои стапија на сила од почетокот на оваа година, а кои предвидуваат повисок данок за увозот на постари возила.

„Протестираме со една цел, да се намали сумата за царина или CО2 данок. Ова е неиздржливо, давачките се покачени тројно кај одредени возила. Ние како увозници со фирми не бевме ни прашани за мислење околу Законот. Многумина од нас имаат вложено сериозни суми во оваа работа, купување на плацеви, возила за транспорт, инвентари, машини и што уште не. Имаме по двајца, па и до десет вработени минимум во секоја фирма кои егзитенцијата ја вадат од оваа работа. Ако продожи овој Закон може само да го распродадеме сегашиот лагер на возила и да ставиме клуч на нашите фирми“, велат од „Регулатив“ и потенцираат дека со ова претстои вистински социјален проблем.

Увозниците на половни автомобили велат дека се свесни за аерозагадувањето по кое надалеку стана позната нашата земја и затоа, како што велат, не сакаат да увезуваат возила стари по две децении.

„Сакаме да увезуваме возила кои се стари по 10 години или во превод еуро 5 и еуро 6 стандард и бараме да се укине CО2 данокот за нив и да се намали акцизата на овие возила за да може едно нормално македонско семејство да си дозволи возило од овој тип. Нека не ве залажуваат дека поновите возила ќе поевтинат. И тие се мета на овие енормно зголемени давачки исто колку и постарите со норма еуро 4. Ќе го земеме за пример најпопуларното возило кај нас „голф 6“ кое е еуро 5 стандард (еколошки прифатливо за цела Европа), а царината за него е покачена за цели 500-600 евра. Единствено ослободени од давачки се целосно електричните возила кои и онака чинат 100.000 евра и се надвор од домет на македонскиот граѓанин“, велат од здружението.

Додека надлежните кои ги изгласаа законските измени се убедени дека истите ќе стимулираат набавка на еколошки автомобили, од здружението потенцираат дека за возилата вредни над 31.000 евра била намалена давачата, па затоа на јавноста ѝ порачуваат да се запрашаат колку луѓе во Македонија можат да си дозволат ваков автомобил согласно економско-социјалниот стандард.

Македонците уживаат да возат „мерцедеси“ и „беемвиња“ по цени од 3.000 – 5.000 евра, но затоа оваа ситуација денес е во прилог на хроничниот проблем со загадувањето - двојно зголемен возен парк, двојно зголемена потрошувачка на гориво, двојно зголемен број на стари дизели, два од три автомобили се постари од 15 години. Државата иницијално тргна да стави ред.

Дарко Јаконов, експерт од автомобилската област, смета дека со новиот данок за возила, домашната автомобилска политика останува исто толку далеку од актуелните норми, колку што беше пред десет години, откако беа укинати сите регулативи во поглед на увозот на користени автомобили. Смета дека поглавјето со неконтролираниот увоз на стари автомобили, коешто, како што вели, за жал траеше предолго, сепак беше неопходно да се случи на нашиот автомобилски пазар, кој досега се немаше соочено со предизвикот да вози луксузни автомобили по дампинг цена.

„Трговците ја искористија фрапантната разлика меѓу германскиот пазар, како најголем ‘произведувач‘ на стари автомобили во Европа, и македонскиот пазар. Старите и големи лимузини и теренци од почетокот на векот се речиси безвредни на тамошниот пазар, од кои причини Германија и ја субвенционираше нивната замена со понови возила, но тие автомобили уште се доживуваат првенствено како луксузни автомобили на македонскиот пазар, место како загадувачи на животната средина. Тоа не е друго освен принципот: Купи евтино, продади скапо. Затоа беа искажани и протести од увозниците на стари автомобили, откако државата ја воведе основната и воопшто иницијална мерка за регулирање на увозот од аспект на грижа за животната средина“, смета Јаконов.

Според Јаконов тоа е неопходност околу којашто може да се дебатира единствено околу натамошна рестрикција затоа што со увозот на повеќе од 300.000 автомобили, да претпоставиме во просек вредни по 2.000 евра, од државата се одлеаја 600 милиони евра во последните десет години.

„Некомпетентноста во создавањето и примената на автомобилската политика е нешто што мора да се искорени од автомобилската сцена. Со увозот на повеќе од 300.000 автомобили, да претпоставиме во просек вредни по 2.000 евра, од државата се одлеаја 600 милиони евра во последните десет години. Место во автомобили што ќе се користат уште долги години, нашата автомобилска политика создаде единствено отпади. Овој буквален хаос на македонскиот автомобилски пазар можеше да се спречи, доколку се субвенционираше продажбата на нови автомобили со пониска емисија на штетни гасови, од автомобилските класи што се возеа пред спуштањето на рампите за увоз на кршот од ЕУ, автомобили од градската и компакт класа. Секој здрав пазар на нови автомобили, самиот создава здрав пазар на користени автомобили. Автомобилот што е нов денес, утре ќе биде добредојден на пазарот на користени автомобили. Некој сакаше да измисли топла вода и во тоа подрачје. Место 300.000 автомобили постари од 20 години, сега во државата ќе имавме најмалку 300.000 автомобили стари до 10 години, доколку соодветно се регулираше продажбата пред десет години и се поттикнеше дотогашната позитивна динамика. Затоа ќе резимирам: Автомобилизмот не спаѓа во познавања од општата култура и бара многу повисока експертиза и одговорност, отколку што тоа се цени и во највисоките законодавни тела во државата“, заклучува Јаконов.

Иако се чини дека енормната загаденост на воздухот, којашто единствено во Македонија и во уште неколку држави во соседството со хроничен проблем во тој поглед не се поврзува со неконтролираниот увоз на стари автомобили од ЕУ, сепак се покажа дека станува збор за мошне комплексна сфера на експертиза, којашто не дозволува дилетантски и неодговорни постапувања.

Во текот на 2019 година во целата земја се увезени околу 40.000 половни возила, а од 2011 година кога беше легализиран увозот на половни возила се увезени над 200.000 кои се возат по македонските патишта.

                                                                                                                        Х.С. 

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе