Со пари од ЕУ догодина кај Мечкуевци ќе се гради првата фабрика за отпад

Општините од Источниот и Североисточниот плански регион имаат шанса своите дворови да ги исчистат од ѓубре по европски терк. Современиот систем за управување со отпад или како што ја нарекуваат регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци ќе почне да се гради во втората половина на 2021 година.

Ангелина Јовановиќ од канцеларијата на Министерството за животна средина за МИА вели дека и покрај актуелната ситација со пандемијата, нема застој во процедурите и подготвките за апликацијата за тендерската постапка за изградба на современиот систем за управување со отпад.

Можеби за некој е далеку 2021 година или да се чека уште една година за првата фабрика за отпад во земјава, која ќе се гради со пари од Европската Унија, но за општините од овие два региони, вработените во центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион, Министерството за животна средина и просторно планирање, канцеларијата на ЕУ, како и за координаторите за овој проект воопшто не е далеку и недостижно, бидејќи заеднички мораа цели 11 години да ги изодат сите процедури, измени на закони по европски стандарди, да ги направат анализите, студии, техничките документации, тендерските постапки, за да дојдат до видливоста на овој капитален еколошки проект за двата региона.

Директорката на Центарот за развој на Источниот планскиот регион, Драгица Здравева, која е дел од самите почетоци на оваа идеја, а сега и конкретна реализација на големиот проект за МИА вели дека сè започна кон крајот на 2009 година, кога тогашните градоначалници на општините од Брегалничкиот регион зазедоа заеднички став за овој проект и потпишување меморандум, а подоцна во проектот се приклучија и општините од Кумановскиот регион.

Осумнаесетте општини и нивните граѓани, кои беа трпеливи некогаш да имаат и спротивставени ставови, а на крајот успеваа да најдат заедничко решение, сега ги чекаат над 40-те специјализирани камиони и контејнери, кои ќе ги добијат за депонирање на отпадот до современата фабрика за отпад.

Од Министерството за животна средина велат дека возилата се очекува да бидат доделени по општините во текот на јули, а за контејнерите ќе има доцнење.

На последната средба на 26 февруари во Свети Николе, на која присуствуваа евроамбасадорот Самуел Жбогар, министрите за животна средина и финансии Насер Нуредини и Нина Ангеловска и 18 градоначалници од Источниот и од Североисточниот плански регион, министерот Нуредини рече дека тендерската постапка е завршена за оваа набавка, а ја има добиено конзорциум од Бугарија и Турција.

„Јас се надевам дека кон средината на оваа година контејнерите, а и камионите ќе може да ги имаме. Што се однесува за сегашните диви депонии можам да кажам дека некои од тие депонии ќе ги затвориме. Меѓутоа некои од другите депонии ќе функционираат и понатаму сè додека не почнеме со изградбата на регионалната депонија за управување со смет, којашто ќе биде сместена тука во Свети Николе, а исто така ќе се градат и станици за трансфер на отпадот. Што се однесува за процесот на тендерирање ќе биде отворен и затворен оваа година, а додека реализацијата на овој проект ќе почне наредната година“, вели Нуредени.

Животниот стандард, степенот на развиеноста на регионот и грижата за граѓаните да не се оптоварат со нови и големи давачки била водилка, а на самиот крај на проектот визионерска и исправна од страна на градоначалниците на Источниот плански регион во 2009 година. Здравева вели дека тогаш сите региони почнале со идејата за решавање на депониите преку јавно-приватно партнерство, единствено Брегалничкиот регион имал став дека проблемот со отпадот ќе се реши со јавно претпријатие, а проектот да се реализира со помош на Европската Унија.

„Навистина некои од регионите тргнаа на друг начин, а потоа се вратија и го прифатија патот, кој сега двата региона го отпочнаа, за да може навистина цената што граѓаните треба да ја плаќаат да биде спрема стандардот на луѓето. Вие знаете што значи ако има приватен сопственик да менаџира, нормално тој ќе си го гледа својот личен интерес. Меѓутоа овде се работи за градоначалници и општини, кои беа свесни дека нашите граѓани не се толку богати за некој пет пати да ја зголеми цената“, вели Здравева.

Таа забележува дека истокот и североистокот нема да имаат депонија, туку современа фабрика.

„Кога ќе се рече депонија, јас секогаш коригирам бидејќи се работи за фабрика, се работи за еден интегрален систем, којшто ќе има неколку претоварни станици. Фабриката е на двата региона со директор, вработени. Мораме да водиме сметка делот што е во постојните јавни претпријатија, што се однесува на собирањето на сметот, тој дел треба да запре. Мора да се води сметка за луѓето кои работат во тие јавни претпријатија, токму во овој дел. Како што дискутиравме јавните претпријатија остануваат околу водоснабдувањето, холиткултурното уредување на општините“, вели Здравева.

Локацијата на депонијата е селото Мечкуевци во општина Свети Николе. Избрана е врз основа на експертски анализи и техничка документација, која чинеше 850.000 евра. Експертите одлуката за оваа локација ја донесоа врз основа на анализи и со споредба со уште неколку локации. Свети Николе природно му припаѓа на Брегалничкиот регион, но при креирање на планските региони во земјава вештачки е припоен кон Вардарскиот регион, за да го задоволи критериумот со бројот на жители. Свети Николе пред неколку години е вклучен во проектов со согласност на претходната локална власт и одлука на Советот на општина Свети Николе.

Пред една година жителите на неколку села, НВО-секторот, како и локалната власт побараа рефрендум и локацијата на фабриката за отпад да биде кај селото Богословец, но експертите на јавна расправа го презентираа проектов и појаснија дека изборот на нова локација е направен врз основа на еден куп анализи и, што е најважно, овој систем за управување со отпадот нема да ја загадува животната средина.

„На населението треба да му се објасни што значи тоа систем за управување со отпад. Тоа не е место што е затворено со мрежа, каде што ќе го трупаме отпадот. Таму ќе има комплетна преработка, целосна селекција што е стакло, што е органски отпад, а што е ПВЦ. Така што крајниот производ би бил електрична енергија, гас, ѓубриво за нивите. Граѓаните не треба да имаат страв дека еве депонијата ако е Свети Николе и еве ќе го загадуваме Свети Николе. Има многу современи депонии во Европа, ние имаме посетено неколку“, вели Здравева.

Таа исткна дека Европската Унија го трасираше патот на двата региони за реализација на една современа фабрика за преработка на отпад. Тоа се навистина големи пари, грантови од Европската Унија, за што сме навистина благодарни, за двата региони заеднички се околу 30 милиони евра.

Евроамбасдорот Самуел Жбогар при последната посета на Свети Николе истакна дека Европската Унија во овој момент за изградбата на фабрика за отпад се има фокусирано за овие два региони, а за остантите шест региони има подготвена техничка документација, со финансиска поддршка од фондовите на ЕУ.

„Во овој момент се доделени финансиски средства за овие два региона, Источниот и Севроисточниот регион. Со нетрпение очекуваме реализација и финализација на овој проект. Во иднина во рамките на програмата ИПА 3, а во рамките на којашто ќе се фокусираме на животната средина, јас не ја исклучувам и можноста и другите региони да се вколпат во овој проект“, рече Жбогар.

Формирано е јавно претпријатие со седиште во Свети Николе, кое ќе управува со фабриката од затворен тип.

Градоначалниците сметаат дека со реализацијата на овој капитален проект за двата региона ќе имаат добивка граѓаните и општините, кои што ќе ги затворат депониите што се на ниво на ѓубришта и ќе нема загадување на животната средина. Ана Мазневска од Министерството за животна средина истакна дека има безброј примери во европските земји како функционираат овие системи за управување со депонии, како што е Германија, каде што функционираат вакви јавни претпријатија.

МИА

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе