Има гости во зимските туристички центри

Шапка, Маврово, Крушево - како Боровец, Банско и Копаоник

Оваа зимска туристичка сезона ги отвори пошироко вратите на македонските туристички центри. Наместо популарните Боровец и Банско, за каде годинава е посложено да се отпатува, бидејќи е време на пандемија и е потребен тест за коронавирус, вљубениците во планинскиот туризам и белите спортови се свртеа кон Попова Шапка, Крушево, Маврово, Берово...

Ковид пандемијата годинава ги натера македонските граѓани да се свртат кон домашните зимски туристички центри. Поради ограниченоста да се патува без ПЦР тест надвор од државата, атрактивни се туристичките капацитети во Маврово, Попова Шапка, Берово и Крушево. За разлика од минатото, годинава особено атрактивна е Попова Шапка бидејќи таму има снег, а работи и ски центарот.

Туристичките агенции, кои беа први на удар од ковид кризата и кои сѐ уште чувствуваат сериозни последици од неа, велат дека има интерес за патување во домашните рекреативни центри и во туристичките места во земјава, додека патувањата во Банско и Боровец во соседна Бугарија, кои со години наназад беа топ дестинација за зимување, сега се намалени поради задолжителниот ПЦР тест. Има граѓани кои сакаат да патуваат и на Копаоник и Златибор, но сепак, нивниот број е минимален.

„Интересот и интензитетот на патувања секако е слаб ако се спореди со минатите години пред се поради ограничувањето во дестинациите на кои може да се патува. Изборот за патување е лимитиран. За соседна Бугарија е потребен ПЦР тест и во ЕУ е тешко достапно да се патува. Во таа смисла во моментот без задолжителен ПЦР тест, македонските граѓани може да патуваат во земјава, во Албанија и во Србија", велат од туристичката агенција „Савана".

Туристичките агенции се едногласни дека патувањата надвор од земјава се значително намалени во споредба со минатите години пред сѐ поради лимитираната понуда и неизвесната ковид ситуација која секојдневно се менува. Така, поради најавите за задолжителен ПЦР тест во Турција сега и таму патувањата стануваат дискутабилни.

„Интерес за патување надвор од земјава нема како други години затоа што нема понуда. Генерално, понудата е помала и согласно на тоа и интересот е помал. Лимитирани сме, затоа немаме понуда. Инаку, секогаш има луѓе кои сакаат да патуваат. Има голем број на луѓе што веќе го прележале вирусот и се спремни да патуваат, има луѓе на кои не им е проблем да направат ПЦР тест, но работите се комплицираат – понекогаш летови се откажуваат, сега преку ноќ за Турција треба ПЦР тест... Тоа се ситуации кои реално ги ограничуваат плановите за патување", истакнуваат од туристичката агенција „Аурора".

Цените во зимските туристички центри годинава се релативно исти како и за секоја претходна зимска сезона. Нема никакви промени бидејќи, како што велат агенциите, драстични намалувања на цените се економски неиздржливи за нив во оваа и така сериозна ситуација во која се наоѓаат.

МИА

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе