Потпишан договорот за гаранција

Се обезбедуваат средства за реализација на проектот за изградба на патната инфраструктура од Коридорот 8

Се обезбедуваат средства за реализација на проектот за изградба на патната инфраструктура од Коридорот 8. Министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси, денеска го потпишаа договорот за гаранција на Македонија наменет за финансирање на патниот дел од Коридорот 8 (прва фаза) со што се обезбедуваат 110 милиони евра за изградба на делницата Букојчани-Кичево.

Како што соопшти Министерството за финансии, дополнително беше потпишан и договор за заем од страна на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси.

Министерството информира дека вкупната инвестициска вредност на делницата Букојчани – Кичево изнесува околу 130 милиони евра, при што 110 милиони евра се заем од ЕБОР, а останатите 20 милиони евра се обезбедени од инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ како инвестициски грант.

„Коридорот 8 е еден од стратешките проекти за нашата инфраструктура, којшто ќе ја направи земјата поконкурентна. Со изградба на патната инфраструтура од Коридорот 8, во РС Македонија ќе се заокружи изградбата на Паневропскиот коридор значаен за подобра поврзаност на РС Македонија, Албанија и Бугарија со другите европски земји. Ова ќе отвори нови пазари за македонските компании, ќе ја подобри нивната конкурентност и ќе овозможи одржлив економски раст“, истакна Бесими на потпишувањето на договорот.

Анди Аранитаси, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, рече дека ЕБОР има клучна улога во поддршката на македонскиот патен сектор од 2001 година.

„Банката ја финансира изградбата и модернизацијата на регионалните, локалните и паневропските патишта, притоа организирајќи дијалог за водење политики со цел зајакнување на институциите во земјата. Со оваа нова инвестиција повторно ја потврдуваме нашата заложба за изградба на подобра транспортна инфраструктура во земјата во корист на нејзините граѓани и деловната активност. Проектот ќе придонесе кон зголемено учество на приватниот сектор во работењето и одржувањето преку објавување тендер за договор за изградба и одржување, вклучувајќи го и справувањето со ризици од климатски промени во текот на фазите на изградба, управување и одржување на проектот“, рече шефот на Канцеларијата на ЕБОР.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми истакна дека со изградбата на автопатската делница значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, безбедноста на патот, ќе се скрати времето на патување, a ќе се зголемат и можностите за социоекономскиот развој.

„Делницата на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево проектирана е пред повеќе од 50 години и изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои, има и трета лента за бавни возила. Сепак, поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно-динамички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки“, потенцира Рустеми.

Дополнително, посочува Министерството во соопштението, за обезбедување финансиската рамка за патната инфраструктура од Коридорот 8, со Буџетот за 2022 година се обезбедуваат околу шест милијарди денари за изградба на делниците Ќафасан – Струга – Требениште и Тетово – Гостивар – Букојчани од Коридорот 8, како и за автопатската делница Прилеп – Битола од Коридорот 10.

„Склучувањето на договорите за проектот Патен коридор 8 – прва фаза на проектот, делница Букојчани – Кичево, е дел од соработката на Република Северна Македонија со Европската банка за обнова и развој – ЕБОР, којашто години наназад дава значајна поддршка на земјата во процесот на членство на земјата во Европската Унија преку доделување заеми под поволни услови, грантови и техничка помош за подготовка и реализација на значајни инфраструктурни проекти. Реализацијата на овој проект е еден од приоритетите на Владата во рамки на клучната област „Одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија", соопшти Министерството за финансии.

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе