Долгогодишен спор

Регулаторна не дозволува ГЕС на Град Скопје да дистрибуира топлинска енергија

Претходниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов најави, а во 2018 и формира ново градско јавно претпријатие кое требаше да стопанисува со топловодната мрежа на градот. На тоа преземање на топловодната мрежа и оваа грејна сезона ќе се почека. Регулаторната комисија за енергетика не доделува лиценца. 

Град Скопје одамна требаше да го преземе стопанисувањето на топловодната мрежа од сегашниот снабдувач „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи". Уште во јули 2019 година Владата донесе одлука со топловодната мрежа во Скопје да управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас Градски енергетски систем (ГЕС). Меѓутоа, Регулаторната комисијата за енергетика (РКЕ) го одби барањето на Град Скопје и не издава лиценца на ГЕС за вршење дистрибуција на топлинска енергија од градското јавно претпријатие.

Град Скопје уште на 14 октомври 2019 година поднесе барање за издавање лиценца за дистрибуција на топлинската енергија до Регулаторна комисија. Во прилог на барањето е доставена документација за тоа дека АД ГЕС-Скопје е единственото правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижни ствари-линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура-топловоди во сопственост на Македонија, а се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје.

Со физичко и функционално поврзување на трите топлификацискии мрежи, кои во моментов се одвоени, би се отвориле можности за вложувања во нерегулирани извори на топлинска енергија со што ќе се создаде конкуренција и дополнително намалување на цената на топлинската енергија.

РКЕ даде негативен одговор на ова барање, а ГЕС поведе спор против оваа одлука. Според РКЕ голем е финансискиот ризик за државата затоа што „Балкан енерџи груп“ ја има концесијата за дистрибуција до 2023 година.

Во Скопје дел од граѓаните со парно греење се снабдуваат од три системи за централно греење БЕГ, ЕСМ-енергетика и Скопје Север кои функционираат одделно и самостојно носат одлуки за начинот на работа.

Цената на гасот на европските берзи енормно порасна и ја надмина границата од 1.000 долари за илјада метри кубни. Ова драстично зголемување на цената овие денови најмногу го чувствуваат граѓаните кои не добиваат соодветно греење, а снабдувачите велат дека го оптимизираат режимот на дистрибуцијата на топлинската енергија и го обезбедуваат законскиот минимум од 20 Целзиусови степени по домовите. Нивното барање за зголемување на цената беше многу поголемо од одлуката на РКЕ за дозволено поскапување на парното греење од 14 отсто. 

Немањето стратегија и конкретни сериозни инвестиции во енергијата од страна на власта оваа зима се прекршува на џебот на граѓаните и на непланираните вонредни издатоци од Буџетот. Владата сè уште нема донесено мерки за решавање на енергетската криза со цел заштита на граѓаните и приватниот сектор од ценовни шокови по драстичното зголемување на цените и едностраното откажување на договорите од страна на некои од снабдувачите со електрична енергија.

А.Д. 

 

 

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе