Finance Think ја анализира расходната страна на Буџетот

Ребалансот на Буџетот за 2021 година укажува на недоволна волја за кратење на непродуктивните трошења

Собранието го усвојува ребалансот на Буџетот за 2021 година, а ребалансот го рефлектира капацитетот на секоја влада соодветно да планира и да ги реализира планираните активности. Сериозни ребалансирања можат да значат преоптимистично планирање и ограничена реализација. Последниот ребаланс претставува најгломазниот план од постоењето на државата кој треба да овозможи постпандемиски поттик на економијата.

Наместо статична анализа на последниот ребаланс, Finance Think ја анализира расходната страна на буџетот во динамичен контекст за последните 6 години со цел осознавање на сличностите и разликите на ребалансирањата низ годините.

Графиконот 1 ги прикажува промените при буџетирањата и ребалансирањата за периодот 2016-2021 на агрегатно ниво. Може да се забележи дека секое ребалансирање на иницијалниот буџет за избраниот период се движи максимум +/- 1.5%. Но, од друга страна, секој нов буџет бележи значајни стапки на раст во опсег од 4% до 8.6%, освен во 2021, кога буџетот е помал од ребалансот од претходната година за 2.1%.

Последниот ребаланс е специфичен поради значајната нагорна корекција нетипична за изминатите години. Иако осцилациите во последните две години се предизвикани од неизвесноста во период на пандемиска криза, сепак значајни стапки на раст на буџетот постојат пред пандемијата. Анализата открива дека буџетот значајно се зголемува, посебно во последните три години, со минимални ребалансирања пред пандемијата и значајни во пандемијата.

Сепак, потребна е подетална анализа за да се открие природата на ребалансите.

Графикон 2 го прикажува износот на избрани категории во буџетот по секој ребаланс за периодот 2016-2021 и процентуалната промена на категориите по секој ребаланс. Постои регуларност по секој ребаланс до 2020 година. Капиталните инвестиции страдаат за сметка на субвенциите/трансферите и социјалните бенефиции кои постојано се зголемуваат.

Таков трејд-оф е отсутен во 2021 година кога сите категории бележат раст, посебно сериозни зголемувања постојат кај капиталните инвестиции и субвенциите/трансферите. Последниот ребаланс укажува дека главниот фокус ќе бидат капиталните инвестиции во наредниот период, но треба да се биде внимателен со оглед на историската ниска реализација на капитални проекти. Од друга страна, алармантен е износот на социјалните бенефиции и растот на субвенциите/трансферите кои генерално имаат непродуктивна компонента и не се „жртвуваат" за капиталните инвестиции.

Графикон 3 ги прикажува движењата на четирите категории (капиталните расходи, платите/надоместоците, социјалните бенефиции и субвенциите/трансферите) од година во година, од буџет во ребаланс. Социјалните бенефиции уживаат стабилни стапки на раст и доминантност во однос на останатите категории. Субвенциите/трансферите, иако со помал обем, бележат значајни стапки на раст во последните неколку години со исклучок на буџетите во 2019 и 2021 година каде постои надолна корекција. Слично, платите и надоместоците бележат стабилни и нагласени стапки на раст, посебно при буџетирањето на почетокот од секоја година во периодот 2019-2021.

Ситуацијата е поразлична кај капиталните инвестиции. Капиталните расходи се поставуваат значајно оптимистички при дизајнирањето на почетниот буџет, но потоа се корегираат при секој ребаланс (за периодот 2016-2019). Исклучок претставува периодот на пандемијата каде во 2020 капиталните расходи имаа две последователни надолни корекции и во 2021 две последователни нагорни корекции.

Finance Think веќе алармираше за тенденцијата на ребалансот од претходната година за ограничени кратења на непродуктивните трошења и сериозни резови или надувани трошења кај капиталните расходи. Исто, и овој ребаланс укажува на недоволна волја за кратење на непродуктивните трошења и зголемување на капиталните расходи вон можноста на институциите да реализираат капитални проекти и со значајно помал обем (како што беше случајот во претпандемискиот период).

Капиталните инвестиции се клучниот фактор за стимулирање на економскиот раст на долг рок, кој пак ќе биде особено значаен во постковид периодот. Сепак, пандемијата предизвика значајни промени во фискалните капацитети. Од една страна се зголемија потребите за итни трошења за справување со кризата, а од друга страна се намалија приходите, што резултираше со пораст на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Во таа насока, наместо надувување на капиталните расходи, потребно е да се стави фокус на ефикасноста на трошењето, но и на ефективноста, од аспект на приоритизација и инвестирање во капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект и влијание за економскиот раст.

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе