Стопанска комора

Растот на градежништвото за првите три квартали од лани е 5,63%

Минатата година беше година на стабилизирање на состојбите во градежниот сектор и враќање на градежништвото како еден од главните креатори и индикатори на домашниот БДП. Ова е заклучокот на прес конференцијата која се одржа во Стопанската комора на Македонија, а беше посветена на актуелните состојби во овој сектор. Статистичките показатели велат дека во првите три квартали минатата година градежништвото забележало раст од речиси 6 проценти, меѓутоа потребна е продлабочена соработка меѓу научно-истражувачкиот и реалниот градежен сектор во насока на креирање поголема конкурентност и додадена вредност во работењето на градежните компании.

Андреа Серафимовски

„Анализирајќи ги податоците, може да констатираме дека изминатата година беше година на стабилизирање на состојбите и враќање на градежништвото во колосек како еден од главните креатори и индикатори на бруто-домашниот производ. Според податоците на Државниот завод за статистика, согласно волуменските индекси кај БДП според производниот метод, во првите три квартали од 2019 година во однос на истите од 2018 година, градежништвото забележа раст од 5,63%“, - истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората.

Во периодот јануари - ноември 2019 година бројот на издадени одобренија за градење бележи раст од 6% во однос на јануари - ноември 2018 година, додека предвидената вредност на објектите, во истиот период бележи пад од 2,6 %.

Серафимовски вели дека реализацијата на капиталните инвестиции предвидени со ребалансот на Буџетот во 2019-та изнесувала 17,8 милијарди денари, односно 78,44 % од предвидените. Преку Јавното претпријатие за државни патишта биле реализирани проекти во вредност од 11,1 милијарда денари или 181 милион евра, што претставува значителен пораст од 39,26 % во споредба со 2018 година.

Според податоците, во периодот јануари - октомври 2019 година биле договорени градежни работи во вкупна номинална вредност од 54,5 милијарди денари и истите бележат раст од 25,5 % во однос на периодот јануари - октомври 2018 година. Исто така, со Буџетот за 2020 година се планирани капитални расходи во износ од 23,8 милијарди денари, во чии рамки најзначајно учество имаат инвестициите во патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура на кои отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи, додека преку Јавното претпријатие за државни патишта планирани се инвестиции во износ од околу 12 милијарди денари.

„Се надеваме на стабилен и одржлив градежен сектор и покрај претстојните политички случувања во државата, а податоците и планираните капитални проекти влеваат оптимизам дека 2020 година може да биде година на изградба доколку се реализираат договорените градежни работи и планираните инвестиции што ќе повлече и зголемен ангажман на градежната оператива и зголемен обем на извршени градежни работи во следниот период“, заклучи Серафимовски.

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе