Промоција на македонските вина на саемот во Дизелдорф

Посетителите на еден од водечките меѓународни саеми за вино, ProWeine во Дизелдорф, Германија, кој годинава се одржува од 17 до 19 март, имаат можност да се запознаат со македонските вина претставени со учеството на 10 македонски винарници: ВВ „Тиквеш", „Сковин", „Стоби", „Далвина", „Бовин", „Камник", „Езимит", „Попов", „Мовино" и „Имако".

 

И оваа година при претставувањето на македонските вина акцентот е ставен на сортата Вранец. Во рамки на саемот македонските винарници организираат специјални дегустации за бројните дистрибутери, увозници и професионални купувачи од целиот свет да го осознаат уникатните карактеристики на вранецот. Овие дегустации се водени од Каролин Гилби, реномиран вински експерт и еден од најголемите познавачи на вината од земјите на Југоисточна Европа.

Дополнително, посебен дел од македонскиот национален штанд е посветен на оваа сорта, со изложување на 20 различни вина од десетте винарници, со цел да се прикажат можностите и различните стилови на производство. Вината произведени од сортата вранец изложени во специјалниот дел од штандот се организирани во три категории: вина произведени во инокс танкови, вина зреени во дабови буриња и вина создадени со комбинирање на вранец со друга сорта.

„Виното Вранец е наш најголем адут во напорите за градење препознатливост во меѓународни рамки и одвојување од останатите вински региони. Кон тоа придонесува и заедничкиот настап на саеми, со заеднички национален штанд кој го посетуваат многу увозници и дистрибутери. Сепак, за етаблирање и пропознатливост на македонското вино потребна е поширока стратегија фокусирана на виното како производ со додадена вредност. Виното е меѓу призводите со најголемо учество во брутодомашниот производ што го создава земјоделскиот сектор и непходно е да се посвети поголемо внимание во развојот на винската индустрија“, истакна Елена Младеновска – Јеленковиќ, директор на здружението „Вина од Македонија“.

Македонскиот национален штанд и оваа година е финансиски поддржан од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралиот развој за 2019 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека во рамки на активностите на министерството за промоција на македонското вино на интернационалните пазари поддршка обезбедува и здружението „Вина од Македонија“.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и оваа година преку мерките од Програмата за рурален развој овоможува поддршка за промоција на македонските земјоделски производи и храна, вклучувајќо го и виното. За таа цел годинава преку Програмата за рурален развој, со вкупно 60 милиони денари ќе се поттикне промоцијата на македонските земјоделски производи дома и во странство. Со овие средства ќе се поддржи учеството на  домашни и странски саемски манифестации. Дополнително преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи, МЗШВ нуди  поддршка за заштитени ознаки за традиционални производи, отворање на органски продавници, амбалажа на преработени земјоделски производи, изработка на маркетинг платформа и друго, изјавија од Министерството за земјоделставо, шумарство и водостопанство.

ProWeine еден од најголемите и најзначајните саеми на кој се среќаваат производителите на вино и купувачите кои ги претставуваат големите трговски синџири и угостителството. Овој саем секоја година привлекува повеќе од 60.000 посетители, а на саемот своите вина ги промовираат 6.873 изложувачи од 60 вински земји во светот.

 

 

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе

Охрид, најголемиот и најпосетен туристички центар во Македонија, балканскиот Ерусалим и европскиот бисер, се менува со брзина на светлината.

повеќе