Презентација на семе за грав и пиперка поотпорно на климатски промени

Земјоделскиот институт – Скопје и Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) денеска организираат презентација на реализираните активности за производство на квалитетен семенски материјал за грав и пиперка со поголема отпорност на климатските промени.

До сега на терен се реализирани демонстративни опити со две популации тетовски грав и три сорти пиперки (сиврија, амфора и везен лут пипер). Во наредниот период се планираат неколку есенски опити со една житна култура. За време на вегетациската сезона и реализацијата на активностите на терен, беа организирани бесплатни обуки за 45 индивидуални земјоделски стопанства, претставници од здруженија на земјоделци и земјоделски правни субјекти. Целта на обуките беше да им се помогне на земјоделците да научат како да го прилагодат производството на климатските промени и да остварат оптимални приноси преку производство на квалитетен семенски материјал.

Презентацијата ќе се одржи во Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’’ – Одделение во Кочани и на опитните полиња во кругот на зградата, а поздравни обраќања ќе имаат заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, Виктор Ѓамовски.

Настанот се организира во рамки на регионалниот проект на ФАО за техничка соработка „Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени“. Проектот спроведува активности фокусирани на квалитетно семепроизводство за три земјоделски култури: грав, пиперка и една житна култура, преку поставување демонстративни опити во два региона за секоја култура – Кочани и Скопје. Целта е преку демонстративните опити да се оцени влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени.

 

 

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе