Делот од вежбата „Брз одговор 24” што ќе се одвива на Криволак во период од 5 до 29 мај 2024 година, се состои од вежбовни активности на терен со изведување на одделенски и водни боеви гаѓања, како и во воздушниот простор со воздухоплови, беспилотни летала и изведување на падобрански скокови.
„Вежбата за нас има значење во однос на потврдување на капацитетите на армискиот полигон Криволак, подобрување на интероперабилноста и оспособеноста за борбено сервисна подршка на сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид на операции. Воедно, интероперабилноста и вежбите како ‘Брз одговор’ овозможуваат одржување на потребното ниво на подготвеност и го истакнуваат силното сојузништво во НАТО Алијансата“, се наведува во соопштението од Армијата.
Активностите за подготовка, меѓу кои пристигнување на персонал и потребни материјални средства по копнен и воздушен пат, како и вежбовните активности на терен, се додава во соопштението, се одобрени со одлуката од 14 седница на Владата и се целосно координирани со сите надлежни институции согласно пропишаните процедури.