Правда за штедачи: За ЏМС Транспорт од Арачиново кредит од 830 илјади евра без никакво обезбедување

Во бројните примери за непрофесионалното работење на Еуростандард банката при одобрувањето на комерцијалните кредити има и такви доделени кредити за кои нема никакво обезбедување. Во грабежот на депозити од Еуростандард банка се доделувале кредити на избрани фирми и поединци во стотици илјади или милиони евра за да не се вратат, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка Правда за штедачи.

„Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, ЏМС Транспорт дооел увоз-извоз е фирма со седиште во Општина Арачиново на која ѝ е одобрен кредит од 830 илјади евра без никакво обезбедување. Кредитот е доделен 742 дена односно околу две години пред да се затвори Еуростандард банка. Фирмата нема платено ниту една рата, ниту еден денар од кога е земен кредитот. Основана е во октомври 2008 година, со непаричен влог од 5.100 евра. Сопственик и управител на фирмата е Џеват Ајдиновски.

Билансите на фирмата велат дека во 2018 година, кога е доделен кредитот, фирмата немала никакви приходи. Всушност, фирмата е деловно неактивна од 2017 година. Таа година фирмата имала и долгови од околу 1,5 милиони евра додека акумулираниот капитал ѝ бил три пати помал. Оваа фирма и тековно должи за неплатени даноци околу 5 илјади евра на Управата за јавни приходи. Кулминација на сето ова е стечајна постапка отворена за оваа фирма на 3 ноември 2020 година.

Веќе неколку години фирмата била без никакви приходи и активности. Практично, доделениот кредит не можел ни да се наплати, нема никакво обезбедување, додека фирмата е презадолжена и има и долгови за неплатени даноци. Сега веќе и во стечај.

Како менаџментот на Еуростандард банка доделил ненаплатлив кредит од 830 илјади евра на оваа фирма? Ниту имала приходи, ниту обезбедување. Не платила ниту една рата цели две години. Дадени пари за да не се вратат. Што е ова ако не смислен и реализиран организиран грабеж на нашите депозити?

Дали некој од истражните органи ги прашал раководните лица од банката, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски и сопственикот на фирмата Џеват Ајдиновски како се поделени нашите лични парични средства и каде завршиле истите? Кога тие ќе одговараат за направените малверзации, злоупотреби и проневери?

Кога гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ќе објасни како е можно да се одобрат 830 илјади евра во кредит, а да нема никакво обезбедување и фирмата да е деловно неактивна? Кредитот го доделил менаџментот на банката, но гувернерката Бежоска е законски должна да направи контрола, да го оцени кредитниот ризик на одобрените пласмани и како банката управувала со истиот, и да преземе мерки. Кога ќе слушнеме нешто од вицепремиерот Љупчо Николовски? Кога ќе се изјасни за тоа што прави или планира да прави за решавање на овој масовен организиран криминал и висока корупција во ограбената Еуростандард банка? Начините за сторениот грабеж во банката се многубројни. Ова е само еден од нив“, се вели во соопштението на Правда за штедачи.

Здружението исто така го поздравува Игор Џамбазов, кој сепак имаше доблест да објасни и да потврди дека има долг во банката и дека има намера да го врати тоа што го позајмил. „За жал, тој е прв и единствен од многумината кој не се обиде да се скрие позади некој друг притоа оградувајќи се од своите постапки. Се надеваме дека сите учесници во организираниот грабеж на банката на чело со Трифун Костовски ќе земат пример од Игор Џамбазов и ќе најдат за начин да објаснат под кои околности ги давале и земале кредитите и зошто истите не се враќаат“, велат од здружението Правда за штедачи.

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе