Правда за штедачи: Павлина Црвенковска да одговори кога нејзиниот сопруг ќе го врати кредитот од 1,6 милиони евра

Наместо Павлина Црвенковска да си даде неотповиклива оставка од ново добиената позиција на претседател на Судски совет, одлучи да проба да ѝ појасни на јавноста дека постапките на нејзиниот сопруг се безначајни и дека се само обични факти случени во некое време пред таа да се кандидира за позицијата која сега ја има. Ние сме должни да ѝ дообјасниме на јавноста преку факти и одговори на прашањата на Павлина Црвенковска, за каква личност всушност се работи, се вели во денешното соопштение на здружението на штедачи од пропаднатата Еуростандард банка – Правда за штедачи.

„Од досегашните приложени факти можеме да заклучиме дека семејството Црвенковски успеало да најде правни дупки во законите и правниот систем, и најважно од се, да успее да извлече фантастични 1.600.000 евра заедно со една, сега веќе докажана, банда криминалци од раководството на Еуростандард банка. Да потсетиме, билансите на фирмата Екопласт рисајклинг во сопственост на Зоран Црвенковски, сопруг на Павлина Црвенковска, новата претседателка на Судскиот совет, говорат дека таа била презадолжена и во загуби уште кога ѝ е доделен ненаплатениот кредит, а истиот е одобрен со четири пати помало обезбедување. Фирмата е сега веќе во стечај од 29 октомври 2020 година, само неколку месеци по пропаѓањето на Еуростандард банка.

Оставаме на јавноста да процени дали сопруга на некој кој ја искористил слабоста на системот и своите блиски врски со раководството на банката, е достојна да води еден сериозен орган како Судски совет.

Ја повикуваме јавно Павлина Црвенковска да одговори кога нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски ќе ги врати 1.600.000 евра на нас ограбените физички и правни лица од Еуростандард банка. Црвенковска да одговори и како е можно да му се одобри милионски кредит во евра на нејзиниот сопруг со заложена опрема со проценета вредност четири пати помала од преостанатиот долг. Дали Павлина Црвенковска стана претседател на Судскиот совет за да го амнестира криминалот на нејзиниот сопруг или можеби целиот организиран криминал во Еуростандард банка?

За делот со анкетниот лист на Павлина Црвенковска, која како јавен функционер свесно го нема наведено имотот на нејзиниот сопруг, очекуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни по ова прашање. Тука само сакаме да ја запрашаме Павлина Црвенковска дали сметајќи дека ќе се избегне одговорност, поголемиот дел од имотот е префрлен на име на ќерката Ирина Црвенковска Кчев? Дали семејството Црвенковски смета дека со овој потег повторно го изиграа системот? За ова прашање ние ќе дадеме одговор, преку потсетување за делот од законот дека во случај на сторено кривично дело и преку него стекната противправна имотна корист, вака стекната корист не може да се задржи без оглед на чие име е пренесена сопственоста. Во ваков случај, обвинителството може да предложи проширена конфискација што ги опфаќа и блиските лица на сторителот.

Нивната ќерка, Ирина Црвенковска Кчев, сега се јавува и како сопственик на фирма за собирање на отпад Еко колектор ИЦК дооел Скопје. Фирмата е основана во јули 2018 година, само еден месец откако нејзиниот татко Зоран Црвенковски решил да не го враќа кредитот во Еуростандард банка. И замислете, тој нејзин татко кој „позајмил“ 1,6 милиони евра и не ни ги вратил, е управител на оваа новоформирана фирма. Една фирма носи во стечај со земени и невратени наши лични пари и се појавува во друга фирма додека ја остава првата да пропадне.

Ги прашуваме нашите лидери во државата, премиерот Заев и претседателот Пендаровски, дали и понатаму ќе молчите и ќе го толерирате ваквото однесување на високо поставени јавни функционери во нашава држава како Павлина Црвенковска? Нели ќе се оценуваше интегритетот и ќе се правеше ветинг на луѓето во судската власт? Дали ја гледате злоупотребата на Павлина Црвенковска или се согласувате со истата“, прашуваат од здружението Правда за штедачи.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе