Правда за штедачи: Никој не ја спроведува одлуката на Уставниот суд

Основниот граѓански суд Скопје ниту ја почитува ниту ја спроведува одлуката на Уставниот суд. На 25 мај  Уставниот суд донесе одлука со која го укина членот 163 став 3 од Законот за банки. Од тогаш оваа законска одредба не постои во правниот промет во државата, велат од здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банката Правда за штедачи.

„Со укинување на оваа неуставна одредба, Фондот за осигурување на депозити законски го загуби не само првенството во наплата на парични средства од стечајната маса пред сите други доверители, туку го загуби и статусот на доверител за средствата исплатени до 30.000 евра во стечајната постапка. Но, наместо Основниот граѓански суд Скопје согласно Деловникот на Уставниот суд да ја спроведе оваа одлука по службена должност и веднаш да ги запре од извршување сите акти донесени врз основа на укинатата одредба во стечајната постапка на Еуростандард банка во стечај, тој ниту ја почитува ниту ја спроведува оваа одлука во дело. И наместо да постапува согласно словото на законот, оваа судска власт надлежна за спроведување на правдата во државата, го остави ова прашање да го решава одборот на доверители кој нема мандат ниту право да решава по истото. Основниот граѓански суд Скопје го игнорираше и писменото барање доставено од група на доверители да одлучува и да ја спроведе одлуката на Уставниот суд. Наместо тоа, овој суд донесе решение без да се произнесе по ова прашање. Ова е уште еден пластичен пример за непочитување на судска одлука од највисоката судска инстанца во државата и уште повеќе, се игнорира. Ваквиот чин на игнорирање и не спроведување на одлука од Уставен суд нанесува ненадоместлива штета на преку 3.000 директно оштетени семејства кои очекуваа истата да биде спроведена во пракса веднаш, но од тоа нема ништо. За жал, констатираме дека ваквото однесување е уште една потврда за јавната, општа недоверба која владее кон судската власт во државава.

Да биде небулозата уште поголема, во решението донесено од Основниот граѓански суд Скопје, правото на доверител на Фондот за осигурување на депозити го заснова на неговиот статут и посебна (sui generis) законска суброгација. Прво, статутот на Фондот по својата суштина не може да се доведе во релација со „законска суброгација” од каков било вид. И второ, статутот ја уредува неговата внатрешна организација, работење и управување, но не може ниту смее по ниту еден основ да создава права и обврски кон кое било трето лице. Со решение, Основниот граѓански суд Скопје востановил не законска, туку нов вид „статутарна суброгација”, што ја нема ниту како поим ни како правен институт во ниту еден закон во домашното и меѓународното законодавство. Едноставно, не само што Основниот граѓански суд Скопје не постапува и не ја спроведува одлуката на Уставен суд, туку воведува и измислени термини врз основа на кои донел решение, а кои термини ги нема во нашето законодавство и не може да се користат во пракса бидејќи се непостоечки.

И наместо да се реши организираниот криминал и корупција на основа на кои се ограби и затвори Еуростандард банка, продолжува да се молчи и игнорира од сите релевантни институции повеќе од 13 месеци. Кон молкот се приклучи и Основниот граѓански суд Скопје од пред неколку месеци непостапувајќи по одлуката на Уставен суд. Еднаш граѓаните и фирмите ограбени пред затворање на банката и сега се прави обид повторно да бидат ограбени во стечајната постапка.

Очекуваме оваа тешка неправда и штета што ја нанесува Основниот граѓански суд Скопје да ја исправи Апелацискиот суд Скопје, да го укине решението на Основниот граѓански суд Скопје и да го врати на повторно одлучување.

Случајот го следат амбасадите и странските претставништва во земјава затоа што владеење на правото е основното поглавје за преговори на нашата земја за членство во Европската унија. Ова е еден добар практичен пример да се види дали владее или не правото и правдата во нашата земја. Да не дозволиме да се срамиме“, се вели во соопштението на Правда за штедачи.

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе