Постои голем потенцијал за развој на винскиот туризам

Туризмот е една од најрастечките гранки во Република Македонија, рече денеска државниот советник за туризам, инвестиции и промоција при Министерството за економија, Шовкет Хазари, на работилница во Кавадарци.

Тој информираше дека над еден милион туристи годишно ја посетуваат Македонија и се остваруваат околу три милиони ноќевања. Во Европа процентот на зголемување на туристи бил околу три отсто, а кај нас достигнувал до пет проценти. Тоа влијае позитивно врз државниот буџет, а се отвараат и нови работни места. Тоа, како што посочи, покажува дека мерките на Владата и Министерството за економија вродуваат со плод. Соопшти дека има разни категории на туристи.

„Винскиот туризам зазема значајно место во нашата стратегија. Виното како туристички производ е многу битен во цел свет“, нагласи Хазари.

Работилницата за критериуми и стандарди на еногастрономските патишта, беше во организација на Фондацијата „Тиквешки вински пат”, а со поддршка на Министерството за економија.

„Винскиот туризам е во подем во светски рамки, за 2018 година бележи еден невиден раст од 30 отсто. Тоа значи дека ние како виногорје и вински крај имаме огромен потенцијал кој мора да го искористиме. Сфативме дека мора да имаме стандарди и критериуми за локалното поднебје, кои се вклопуваат во интернационални рамки, ако сакаме да бидеме конкурентни во светски рамки, рече Виолета Јанкова“, директор на Фондацијата.

На работилницата присуствуваа претставници на Министерството за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, градоначалници, туристичко-угостителски работници и други субјекти.

„Општина Росоман има потенцијал за развој на винскиот туризам и дава поддршка за негов развој. На наша територија има три винарски визби, а во најава е уште една. Во моментов заедно со „Тиквешки вински пат“ реализираме ИПА проект за прекугранична соработка насловен „Земја на виното“, информираше росоманскиот градоначалник Бранко Јанев.

Во Демир Капија доаѓаат туристи од цел свет, рече демиркапискиот градоначалник Лазар Петров. Најголем дел, како што посочи, се Срби, но во поново време има туристи и од другите земји кои порано беа дел од заедничка држава. Додаде дека доста гости доаѓаат и од Романија и Полска. Тоа, нагласи, треба да биде најголем извор на пари на винариите и некои други туристичко угостителски објекти. Општината, додаде, презема активности за развој на туризмот, се прави нова стратегија, но се размислува и за инфраструктурата.

Соработуваат со спортскиот клуб од општината и во наредниот буџет ќе одвојат повеќе средства за примарно бележење на патеки и правење на неколку летниковци. Планираат да одбележат до сто километри патеки во наредната година.

„Со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот направивме проект и одобрени се средства, за поставување на нови клинови на патеките за качување на Демиркаписката клисура. Бројот на туристи е зголемен, а сметам дека треба да обрнеме повеќе внимание на транзит туристите. Оние кои минуваат низ Македонија и одат кон Грција, да ги привлечеме да ја посетат и Демир Капија. Се со цел да застанат што е можно повеќе луѓе и да видат што имаме.Но освен транзитниот туризам, убаво е надвор од сезона да се организираат и регионални туристички вински тури. Некои од проектите не можеме да ги реализираме самите, но за патеките, на пример, меѓу другото ни требаат помали средства, важен е ентузијазмот, а него го имаме. Покрај другите и јас како градоначалник ќе се вложам во работата, се со цел да направиме што е можно повеќе“, нагласи Петров.

Тој потврди дека туризмот во Македонија е во нагорна линија. Рече дека со вложување во туризмот, ќе се зголеми финансискиот бенефит. Тој информираше дека се зголемува и бројот на сместувачки капацитети во Демир Капија, иако авантуристите милуваат да престојуваат во шатори. Добиле пари од Вардарски плански регион за инфраструктурниот проект реализација на дел од клучка, за полесен влез во Демир Капија. Имаат и проект за рурален туризам во село Клисура. Преговараат со неколку инвеститори.

Изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица е предност за демиркапијци, бидејќи се скратува патот до Грција и создава можности за соработка помеѓу македонските и грчките туристички агенции, за размена на туристи.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе