Автентично и мајсторски сработен проект

Погледнете ја Македонија во мало на падините на Водно (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонското виртуелно село е уникатен проект во кој не само што се гради по теркот на старите македонски градители, туку е замислено и така да живее - планирано е да работат и валалница, воденица и рибник.

 

Македонија во мало, распослана на повеќе од 4.000 квадратни метри, наскоро ќе заживее на само дваесетина минути од центарот на Скопје. Тоа е „Македонското виртуелно село" над манастирот Свети Пантелејмон на Водно, кое со изградените 15 автентични традиционални македонски куќи се очекува да стане туристичка атракција за странските и за домашните гости.

Мајсторски се направени, нема збор – сите куќи до една велешка, прилепска, струшка, галичка, беровска, тетовска, кумановска, кратовска, реканска, скопска (Скопска Црна Гора)... За тоа се заслужни работниците на тетовската градежна фирма „АК-Инвест-Тетово".

Добрата вест за градителите на македонското село на Водно денеска ни ја кажа нејзиниот директор Агрон Нухиу, кого го затекнавме на градилиштето. „Ак–Инвест–Тетово" од завчера е добитник на наградата „Голден", која се доделува за квалитет во областа на бизнисот и иновацијата (БИД) на манифестација во Женева. Оваа тетовска фирма за околу 15 месеци изгради 20 објекти во селото. И денеска работниците ги затекнавме во работа. За покривање на галичката и за струшката куќа се носеле плочи од Албанија, инаку претежно се користел камен од македонските каменоломи.

Директорот Нухиу вели дека до 1 јуни треба да завршат градежните работи во селото и откако ќе се опреми ќе може да ги отвори вратите за туристите.

На влезот од селото (наспроти манастирот Свети Пантелејмон) ќе има пријавница за гостите и продавница за сувенири.

Македонското виртуелно село е уникатен проект во кој не само што се гради по теркот на старите македонски градители, туку е замислено и така да живее. Во таканаречениот економски двор планирано е да работат и валалница, воденица и рибник. Водата од резервоарот над селото прво ќе се слева во рибникот, па во воденицата, а потоа и во валалницата. Приземјето на куќите ќе биде резервирано за занаетчиите. Како дел од комплексот се изградени музеј во кој ќе биде изложено етнолошкото наследство на Македонија, ан и голема меана.

Денеска на мартовското сонце ударнички се работеше, ама има уште за дотерување. Откако ќе завршат сите градежни работи, ќе почне внатрешното уредување и опремување со мебелот. Изградбата чини 4,5 милиони евра, башка се опремувањето и внатрешното дотерување.

Кој и како ќе го стопанисува Македонското село на Водно сè уште нема конечна одлука. Извесно е дека меаната, занаетчиските работилници, собите за туристите ќе се издаваат под закуп, но не се знае по кои услови и по кои цени.

С.М.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе