Почна откупот на тутунот, ќе трае до 31 март идната година

Со отворање на 20 од вкупно 173 откупни пунктови во државата, денеска почна откупот на тутунот од годинашната реколта. Пунктови отворија прилепскиот Тутунски комбинат, „Сокотаб” од Битола и „Алијанса” од Кавадарци. 

Годинава се склучени договори за околу 22.200 тони тутун, а тутунарите очекуваат добра цена, бидејќи велат дека тутунот е квалитетен.

За претседателот на тутунското здружение „Мице Козар” од Прилеп, Злате Дамески, реално е тутунарите да очекуваат добра цена поради квалитетот и апелираат да носат тутун од сите класи.

„Квалитетот е добар и очекуваме добра откупна цена. Првиот ден во Прилепскиот комбинат го потврдува тоа. Ќе видиме наредните денови како ќе биде. Апелирам тутунарите да носат за откуп род од сите класи”, изјави Дамески.

И координаторот на четирите новоформирани тутунски здруженија Игор Мирчески вели дека ќе следат како тече откупот. Очекуваат и Сојузот на земјоделските здруженија и Земјоделскиот инспекторат будно да го следат откупот.

„Еве, три компании почнаа со откуп на тутунот. Во ‘Сокотаб’ не тргна според очекувањата, но ќе почекаме со оценките како ќе биде наредните денови. Бараме Сојузот на земјоделските здруженија со поверениците да го следи откупот, како и Земјоделскиот инспекторат да биде буден на теренот”, изјави Мирчески.

Проценителите на вагите во Прилепскиот тутунски комбинат потврдуваат дека тутунот е поквалитетен и се надеваат дека и производителите ќе бидат задоволни.

Директорот на Прилепскиот тутунски комбинат, Кире Станкоски се надева дека откупот ќе тече без проблеми. Од четврток ќе се отворат пунктовите во населените места, а исплатата ќе биде за еден ден.

„Без проблеми почна откупот на тутунот во Комбинатот. Од денес се откупува на пунктот во градот, а од четврток ќе бидат отворени 21 откупен пункт со 31 вага во населените места. Потврдено е дека родот годинава е добар и се очекува далеку повисока откупна цена од лани”, изјави Станкоски.

Според директорот на Земјоделскиот инспекторат, Зоран Шапуриќ, сите компании треба да ги отворат пунктовите до 15 декември.

„Откупот почна на 20 од вкупно 173 откупни пункта во земјава. Од осумте компании уште една деновиве треба да достави гаранција за исплата. За годинашнава реколта се потпишани договори за околу 22.300 тони тутун. Родот е квалитетен. Очекуваме добар тек на откупот, а инспекторатот секако ќе биде на терен да ја следи откупната кампања”, изјави Шапуриќ.

Откупот официјално трае до 31 март наредната година.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе