Прес на Ангеловска и Бектеши

Платежните картички и ваучерите граѓаните ќе ги добијат во периодот јуни-јули, ќе се користат до крајот на годината

Платежните картички и средствата граѓаните очекуваме да ги добијат во периодот јуни-јули, како што стои во пакетот, додека ваучерите за туризам граѓаните би ги добиле во јуни, најдоцна јули, а предвидено е да се користат до крајот на 2020 година, соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Уредбите за користење на овие мерки, според Ангеловска, се очекува да бидат доставени и усвоени до крајот на следната недела. Електронските платежни картички, како што појасни, ќе бидат сетирани така што нема да може да се подигнуваат средства од банкомати и ќе бидат исклучиво наменети за купување домашни производи, додека со МИОА се работи на тоа секој граѓанин да може со впишување на матичниот број да провери дали и колку му следува финансиска поддршка.

„На конкретното оперативно решение веќе се работи. Имавме средба со македонската банкарска асоцијација во текот на вчерашниот ден и со банките ги утврдуваме деталите. Уредбата веќе е во нацрт верзија и денеска ќе биде испратена за комуникација до сите засегнати страни. Навистина се работи интензивно за спроведување на сите мерки и нема простор за нетрпеливост“, изјави Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе бидат објавени и од кога ќе можат граѓаните и фирмите да аплицираат за најавените мерки.

Во однос на таргет групите кои ќе ги добијат електронските платежни картички, Ангеловска рече дека првата мерка 9.000 денари финансиска поддршка се однесува на невработени лица, активни баратели на работа со до 15 илјади денари месечни примања согласно податоците од УЈП, потоа вработените со примања до 15 илјади денари и младите, студенти и средношколци.

Во однос на мерките за стопанството, Ангеловска рече дека во програмата на владата има 150 милиони евра, од кои 25 милиони евра за платежната картичка, 60 до 65 милиони евра за поддршка на работодавачите за исплата на плати и дополнителни 50 милиони евра кои ќе се насочат за дизајнирање и креирање на навремени мерки.

„Без поддршка и насока на граѓаните да одат во македонските туристички капацитети би имале околу 50 проценти пад во бројот на ноќевања. Со поддршката од 10 до 12 милиони евра за над 100 илјади граѓани ние ќе успееме да го ублажиме падот за повеќе од двојно. Тоа значи дека мерката директно ќе го амортизира ударот и ќе го помогне туристичкиот сектор“, изјави Ангеловска.

Министерот за економија Крешник Бектеши, рече дека туризмот и угостителството се меѓу најпогодените сектори затоа и поддршката е најголема, 50 милиони евра.

„Фокусот од почеток тука го насочивме, во третиот пакет се 11 милиони евра за ваучери и пет милиони евра за платежни картички, ваучерите 100 евра, а картичките 50 евра. Граѓаните ќе може да летуваат дома со што ќе го зајакнеме домашниот туризам. Со оваа мерка се опфатени сите што примаат плата помала од 15.000 денари, односно 100.000 граѓани и ќе се реализира до крајот на годината. Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други капацитети, а со картичките купување домашни производи и услуги“, изјави Бектеши.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе