Битола

Пелагонија „жедна“ за млад агро-едуциран кадар

Пелагонија - најголемата рамница во Македонија, плодна житница со бујни и разновидни земјоделски култури, место на земјоделци рекордери и развиен агро-бизнис со водечките македонски агро-компании, чудно но вистинито – „жедна" е за подмладок, за агро-едуциран кадар.

Најголемиот „извор“ за стручно обучени и школувани кадри, средното општинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“-Битола, годинава во првиот уписен рок запиша само 12 ученици, а можеа 136. Наесен, во втора година ќе учат само 10 ученици, во трета „дури“ шест ученици, а во училиштето ќе има и 15 матуранти.

Змјоделското училиште во Битола е основано во 1908 година, пред 110 години, со одлука на тогашните турски власти со цел да едуцира кадар кој ќе знае да врши превенција на добитокот од заразни болести, да го учи населението за квалитетно земјоделско производство и да едуцира ученици кои директно ќе се вклучуваат во земјоделските работи на плодородната Пелагонија. Учениците по завршувањето на земјоделското училиште знаеле да одгледуваат и нови сорти жита и земјоделски култури, да се негува пчеларство и да знаат како се калемат диви овошки. Долги години полjoделската и сточарската насока биле со преполни клупи и бројни ученици, а се барал и простор за дополнителна настава.

Од анализата на училишната документација се воочува дека во 1959 година во училиштето е регистриран рекорден упис на ученици, дури 443, а бројката на заинтересирани средношколци долги години не „паѓала“ под 200 запишани ученици. Драстичниот пад почнува од 2000 година, а минимумот се забележува последниве неколку години, потврдува Благојче Кривевски, директор на СОЗУ „Кузман Шапкарев“-Битола.

- Годинава во првиот уписен рок запишавме 12 ученици и тоа три ученици во насоката за агроменаџмент, четири за ветеринарен техничар, во насоката техничар за фармерско производство ќе има четири ученици и во насоката техничар за хортикултура има само еден ученик. И, додека Пелагонија е „жедна“ за агро-едуциран кадар и стручен подмладок, завршените основци, а најверојатно и нивните родители кои често им помагаат или влијаат врз нивните одлуки, не сакаат да учат современо земјоделство. А, можноста за брзо вработување е голема бидејќи сите наши струки на учениците им нудат вработување веднаш по завршување на средното образование. Со стекнатите знаења, тие ќе може да работат индивидуално бидејќи ќе бидат агро-стручни, ќе може да се вработат во приватни компании кои се занимаваат со земјоделство или во јавен сектор. Можностите кои ги нуди земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, бројните ветеринарни амбуланти во овој регион, мали и средни претпријатија во агро бизнисот се големи, вели Кривевски.

Во АВРМ- Битола нема чекање за врабоувања во агросекторот

Тврдењата на Кривевски, директор на битолското земјоделско училиште се потврдуваат со прегледот и анализата на евидентирани невработени лица во Агенцијата за вработување, подружница Битола, кои посакуваат работа во агросекторот. На листите се евидентирани еден невработен зејмоделски техничар-градинар, еден техничар за земјоделски машини, двајца техничари за овоштарство и лозарство, четворица цвеќари, петмина сточарско-поледелски техничари, еден месар-преработувач на месо...итн.

- Бројките се факти, а тоа значи дека секој што завршува средно земјоделско училиште и притоа нема намера да продолжи да студира, веднаш се вработува. А, ученици нема бидејќи лани се запишаа само 10, пред тоа само шест ученици, што значи потребата на пазарот на трудот е поголема од понудата на агро едуциран кадар. За жал родителите и учениците не се доволно информирани, а од посетите што пролетоска ги остваривме во основните училишта во пелагониските села Бистрица, Ивањевци, Српци, Беранци, Добрушево, Дедебалци, Бач, Буково, Долно Оризари и Цапари, од средбите со родители  на над 160 учениците, освен подигнати рамења друго ништо, вели Кривевски.

Агрокомпаниите оптимисти и во очекување на млади кадри

Според директорот Кривевски, за надминување на оваа парадоксална состојба најголемиот оптимизам доаѓа од агрокомпаниите кои годинава со СОЗУ „Кузман Шапкарев“ потпишале договори за изведување практична настава во компаниите и брзо вработување.

- Агрокомпаниите знаат дека располагаме со квалитетен наставен кадар. Секој ученик што се запишува на насоката ветеринарен техничар веднаш ќе знае како да се грижи за здравјето на животните. Во пелагонискиот регион има многу ветеринарни станици и потребата за вработување во тие станици е голема. Првпат оваа година, наш ученик, ветеринарен техничар асистираше на операција на милениче. Во оваа насока атрактивен е наставниот предмет „породилство“ и со изучување на оваа материја, учениците се оспособени и способни да вршат породување на животни, породување на крави, кобила, овца, свињи, но и домашни миленичиња.

Учениците кои се запишуваат на насоката за агроменаџмент ќе знаат како да направат сопствен бизнис план и бизнис планови за други клиенти, земјоделско осигурување, набавки и употреба на семе. Идниот земјоделец ќе знае како до три пати во текот на годината една иста земја да ја користи за различни земјоделски култури. Со овој тип на познавања се добиваат повеќе приходи, квалитетна обработка и практична примена на современо земјоделство. Убаво е кога земјоделците добиваат субвенции или друга државна и меѓународна поддршка, но за да таа се искористи потребно е знаење, вели Кривевски.

Можности за приватен агро-бизнис

Сите насоки овозможуваат отворање приватен бизнис и без исклучок. Според првиот човек на битолското средно земјоделско училиште, многу компании им се обратиле со молба да едуцираат кадар кој ќе знае да ракува со земјоделски машини. Многу деца побрзо учат да возат мотоцикл отколку трактор или комбајн, посочува Кривевски.

- Нашите анализи потврдија дека на агро-компаниите во Пелагонија треба да им понудиме квалитетен кадар за фармерското производство кое е тесно поврзано со агроменаџмент, ракување со земјоделска механизација, современо сточарење, одгледување овошни насади и други вештини, а како што предочив претходно, за оваа насока, за жал, годинава се запишаа само тројца ученици. Фирми од градот, јавни претпријатија и бизнисмени бараат вешти лица за цветно аранжирање во објекти или дворови, се интересираат за производство на цвеќиња, оранжериско производство на цвеќе, производство на расад и саксиско производство, и повторно парадокс, за насоката хортикултурно уредување ние запишавме само еден ученик. Но, оптимист сум дека амбиентот ќе се промени, а ние ќе продолжиме да вложуваме во едукацијата на учениците за што користиме искуства од нашите партнери во Словенија каде заедно со учениците престојуваме секоја пролет. Ќе ги обновиме и условите за поквалитетен наставен процес бидејќи добивме поддршка од АД МЕПСО за поголема реконструкција во училиштето, кабинетите и друга учлишна инфраструктура, потврди Кривевски.

Матичен агроном

Во СОЗУ „Кузман Шапкарев“-Битола се уверени дека значително подобрување на состојбите со нов едуциран кадар во агро-секторот ќе има со најавените нормативни промени и усогласувања со европското законодавство, односно воведувањето на задолжителен „матичен агроном“.

- Примерите од Хрватска и Словенија со внесувањето во системот на функцијата „матичен агроном“ посочуваат дека во иднина ќе биде невозможно да се користат земјоделски субвенции без притоа да се има матичен агроном. Неговата улога е да посочи кога и колку треба да се употребат пестициди, кога се прска, каква заштита им треба на земјоделските култури, писмено ќе го известуваат секое земјоделско семејство и други обврски кои лице со завршено средно земјоделско училиште ќе знае многу подобро да ги применува и без да импровизира, истакна Благојче Кривевски, директор на СОЗУ „Кузман Шапкарев“-Битола.

МИА

 

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе