Печалбарите го раздвижуваат бизнисот во Тетово, за свадба трошат од 15 до 50 илјади евра

Доаѓањето на печалбарите и иселениците во Тетово во текот на летните месеци е надеж за голем број трговци дека во текот на летото ќе имаат нешто поголема заработка. Во Тетово, претежно кај албанската етничка заедница, печалбарите се на работа во европските земји. Во јуни во градот на одмор доаѓаат оние кои се во скандинавските земји. Тие што се враќаат од Германија и од Швајцарија претежно доаѓаат во јули. Во август најмногу тука се работниците од Италија, поради тамошниот колективен одмор.

Продавачите од зелениот пазар велат дека во јули и август во Тетово има повеќе луѓе поради доаѓањето на тетовци кои се на работа во странство. Токму затоа и тие се надеваат дека со тоа што се зголемува бројот на потенцијални купувачи, ќе имаат и нешто поголема заработка.

„Кога доаѓаат тие, и ние имаме малку повеќе работа. Фала Богу што идат да ја посетат земјата, кое било место, па ќе остават некој денар. Задоволен сум“, вели Абдула Рамадани, кој има тезга на зелениот пазар.

„Се зголемува работата бидејќи Тетово е печалбарски град. Се очекува да се зголеми прометот. Тие си земаат наголемо стока, по еден пакет, за тие неколку недели што се тука“, потврдува од соседната тезга Пеце Стојчевски.

Поголеми суми што печалбарите ги даваат додека се во родниот крај се оние за правење свадби и слични семејни веселби. Летната сезона е период кога поради присуството на печалбарите и нивното купување производи и услуги на поголема заработка се надеваат фотостудијата, бутиците, рестораните, козметичките и фризерските салони, продавниците за мебел и слично.

„Ние од 10 јули до 20 август секој ден имаме од две до три свадби за снимање. Сите ресторани за свадби се резервирани уште од минатата година. Тие што сакаат да прават свадба во 2020 година, сега прават резервации. Големи пари се во оптек, бидејќи од почеток до крај за една свадба се потребни од 15 до 50 илјади евра, според искуствата што ги гледаме. Кај албанските свадби посебно скапо е плаќањето на музичарите, па така само таму потребно е да се издвојат од две до седум илјади евра. Во рестораните едно мени за свадбен ручек се движи од 12 до 25 евра“, вели сопственик на видеопродукција од Тетово.

Од друга страна, посебно негативен тренд токму на свадбите е пукањето од огнено оружје.

Минатата година во јули и август имаше десетина случаи на заталкани куршуми поради кои беа оштетени возила, а пријавени во Секторот за внатрешни работи Тетово. Пукањето од огнено оружје се случува во Тетовско и покрај предупредувањата на надлежните.

„Ние постојано апелираме, така и оваа година упатуваме предупредување до граѓаните да се воздржат од употреба на огнено оружје при организирање на свадбените веселби и слично. Со пукање во опасност од повреди се доведуваат и самите, како и гостите, но и сите останати граѓани на Тетово. При пукањето во воздух се случува куршумот да падне назад и да предизвика ранување, па дури и губење човечки живот“, вели портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски.

Печалбарите и иселениците од западноевропските земји во Тетово пристигнуваат претежно со свои возила. Така се зголемува бројот на автомобили што циркулираат низ тетовските улици, па се создава дополнителен метеж. Непотврдените сознанија на тетовската полиција се дека дополнителни пет илјади возила во текот на летните месеци на печалбарите учествуваат во сообраќајот во Тетово. Поради зголемениот број возила и недоволниот број паркинг-места во теткот на летните месеци неколку години наназад Општина Тетово ги отвора поголемите дворови на училиштата, со цел да може и таму да се паркираат возила.

Иако Тетово е град со многу инфраструктурни проблеми, има печалбари што доаѓаат редовно секое лето. Така и самите се соочуваат со недостиг на вода за пиење, недоволно паркинг-места и друга инфраструктура, но придонесуваат и за создавање уште повеќе смет.

„Печалбарите најмногу доаѓаат да се сретнат со роднините и пријателите. Разговор со блиските е она што најмногу им недостига. Се смета дека доаѓањето на тие луѓе придонесува за побогат социјален живот, со оглед дека се среќаваат со голем број луѓе, членовите на пошироката фамилија, пријатели и познаници. Нивното присуство е поврзано со правењето свадби и други семејни веселби, како и организирање спортски и културни манифестации. Сепак, не доаѓаат за инфраструктурата, туку да се видат со роднините, како и да ги посетат родните села, да отидат на Попова Шапка и слично“, вели психологот Љуљзим Мухареми.

Веќе неколку години општината го организира и „Тетовско културно лето" во периодот јули-август, кога се присутни печалбарите и иселенците, кои можат да присуствуваат на голем број манифестации и настани.

миа

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе