Комитет за оперативна монетарна политика на Народната банка

Останува историски најниската каматна стапка од 1,5 проценти

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одлучи каматната стапка да се задржи на историски најниското ниво од 1,5%, со што монетарната политика го задржа релаксираниот карактер. На денешната аукција ќе се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари. Наспроти очекувањата, во текот на минатата година е остварен раст на девизните резерви во износ од 100 милиони евра, додека инфлацијата изнесувала 1,2 отсто.

Намалувањето на основната каматна стапка во изминатата година, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи, како што се наведува во соопштението од седницата, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата.

„Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка измината година е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари", се потенцира во соопштението.

Комитетот на Народната банка укажува дека последно расположливите макроекономски показатели за бруто домашниот производ упатуваат на годишен пад на економијата во првите три квартали од годината од 5,9%, што е во согласност со очекувањата од последните проекции.

„Во однос пак на четвртиот квартал, последно расположливите податоци за економската активност посочуваат на поповолни движења во домашната економија во однос на претходниот квартал, во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ковид-19, како и постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба. Натамошно забавување на годишниот пад бележат индустријата и прометот во вкупната трговија, потоа кај градежништвото има забрзување на растот, а единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството", констатира Комитетот на својата седница.

Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2 отсто, што според Комитетот, е во согласност со проектираната стапка според последната проекција. Во услови на ревизии кај надворешните влезни претпоставки во различни насоки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со неизвесните економски ефекти од вториот бран на пандемијата на ковид-19 и нејзиното времетраење, како и појавата на мутација на корона-вирусот.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции.

„Измината година е остварен раст на девизните резерви од околу 100 милиони евра, наспроти очекуваниот пад. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, последните податоци за менувачкиот пазар и за надворешнотрговската размена упатуваат на можност за остварувања кај приватните трансфери и кај трговскиот дефицит во рамките на очекувањата за последниот квартал. Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци заклучно со декември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, повисок од проектираниот за депозитите, а кај кредитите остварувањата се главно во рамките на очекувањата согласно со проекцијата", заклучи Комитетот.

На седницата било констатирано дека по минатомесечната седница до сега, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст, условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19. Поволни движења имаше и на девизниот пазар, видливи пред сѐ преку растот на нето-понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар.

„Овие пазарни остварувања беа проследени со натамошно зголемување на девизната ликвидност на банките, поради што Народната банка за првпат во 2020 година интервенира со откуп на девизи. Поволните случувања на девизниот пазар продолжуваат и во првата половина на јануари, при забележан нето-откуп на девизи од страна на банките", беше заклучено на сеницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе