Здружение на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – „Правда за штедачи"

Оштетените штедачи по правда пред Уставниот суд

Македонија е единствената земја во Европа, но и пошироко каде правните лица - фирми воопшто не се обештетуваат од државниот Фонд за осигурување на депозити во случај на пропаѓање на банка што е еклатантен пример на дискриминација и лишеност од  заштита и обештетување,, изјавија пред Уставниот суд од Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – „Правда за штедачи", кои ги повикаа уставните судии во среда да донесат одлука која ќе значи потврда на заложбите за владеење на правото.

Затворањето на „Еуростандард банка" на 12 август минатата година, што се случи како резултат на повеќегодишен масовен толериран грабеж со делење на ултра ризични и ненаплатливи кредити, нѐ остави без нашите лични парични средства. Се работи за илјадници семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочија со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто нѐ заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција лиценцирана, регулирана и контролирана од Народна Банка.

„Сега се соочуваме со уште една голема неправда за која сме тука денес. Еднаш покрадени преку организираната кражба на нашите депозити во 'Еуростандард банка' и сега повторно покрадени во стечајната постапка. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство, односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени. Оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба ги оштетува двете групи на доверители, граѓаните со депозити над 30 илјади евра и особено фирмите", соопштија денеска на прес-конференција од Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – „Правда за штедачи".

Пред новинарите беше нагласено дека Македонија е единствената земја во Европа, но и пошироко каде правните лица - фирми воопшто не се обештетуваат од државниот Фонд за осигурување на депозити во случај на пропаѓање на банка.

„Ние сме и уникатен пример за рушење на темелните вредности на уставниот поредок на државата. Јавноста треба да знае дека ниту една од 2.000 фирми депоненти на банката не доби ниту денар обештетување од Фондот. Многу од нив се на работ на опстојување, не се ликвидни бидејќи парите им се заробени во банката, вработените оставени на улица. Тоа е сосема спротивно и од заложбите за повеќе инвестиции, странски и домашни вложувања. Правните лица своето работење по сила на закон треба да го вршат преку банка, нивните трансакции во готовина се лимитирани ако не се преку банкарска сметка. Згора на тоа, како долевање масло на огнот, Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата пред физичките и правни лица. Која е правната основа за ваквата поставеност на Фондот и зошто е тоа така досега никој не одговорил. Ние сме убедени дека и не може да одговори, бидејќи прашањето е многу едноставно. Зошто Фондот за осигурување на депозити има приоритет во стечајната постапка пред правните лица кога нив не ги обештетува со ниту еден денар? Наспроти ваквото решение во нашата земја, во сите земји членки од Европската Унија, обештетувањето на депозити не само што е до 100.000 евра, туку нема ни ограничување во обештетување на парични средства добиени од продажба на недвижност, на трансакциска сметка или добиени по пресуда од друг основ, додека во нашето законодавсто сѐ е ставено во еден куп, сите средства, без разлика каде се чувани и како се нашле на сметка во банката, се сметаат за депозит", рекоа од Здружението.

Од ова Здружение посочуваат дека и кај сите наши соседни земји постои обештетување со закон, коешто важи како за физичките, така и за правните лица при стечај на банка, а дека само во Македонија правните лица се дискриминирани и лишени од било каква заштита и обештетување.

Единствена институција во државата која може и треба да ја реши оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба од Законот за банки е Уставниот суд. Решавањето на ова горчливо прашање го очекуваме преку поднесената иницијатива до Уставниот суд од октомври минатата година, со којашто бараме укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот.

„Во пресрет на седницата на Уставниот суд што е закажана да се одржи оваа среда, на којашто како прва точка од дневниот ред e ставена иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на предметниот член од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка 'Правда за штедачи', со ова соопштение сака јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Устав", беше нагласено на прес-конференцијата.

За да се намалат страдањата и да се избегнат можни трагедии на цели семејства како дел од обичниот народ во оваа земја, Здружението ги повикува судиите на Уставниот суд при одлучувањето да се концентрираат само на Уставот и законите, бидејќи само тоа може да гарантира дека ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат заложбите за владеење на правото.

„Сѐ друго претставува калкулантство, субјективизам, необјективност, пристрасност, политички влијанија и заштита на нечии интереси од влијателните банкарски кругови наспроти примена на правото. Со носење на правична одлука од страна на Уставниот суд ќе значи дека во државата се применува начелото на владеење на правото и начелото на еднаквост на сите странки во стечајната постапка. На тој начин, штетата ќе биде помала и по оние кои немаат никаква вина за сторениот масовен грабеж во Еуростандард банка", беше порачано до уставните судии.

Членовите на Здружението се длабоко убедени дека во овој случај правото е на нивна страна и дека правдата на крајот сепак ќе победи со носење на правична одлука од уставните судии на седницата на Уставниот суд закажана во среда.

 

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе