Оштетени штедачи: Зошто молчат Зоран Заев и Љупчо Николовски за грабежот во Еуростандард банка?

Целосно се согласуваме со претседателот Стево Пендаровски дека во нашата земја нема правда и дека законот за некого важи, а за некого воопшто не важи. Дека правилата важат за едни, а не важат за други. Селективноста во правдата и невладеењето на правото не донесе во оваа тешка состојба во која живееме денес. На големо беснее организираниот криминал и високата корупција, секојдневно се разградува државата во сите правци, нема останато здраво ткиво, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.

„Веќе седум месеци објавуваме факти за сторениот масовен грабеж на депозити од Еуростандард банка. Кривични пријави се поднесени, но за истите се молчи и криминалците се толерираат.

Каков пример покажа премиерот Зоран Заев со експресно реновирање на опожарениот трговски центар „Глобал“ во Струмица со државни пари? Имаше интерес да целосно ги изреновира неколку десетици опожарени дуќани во „Глобал“, но нас, 3.000 семејства на граѓани и фирми, категорично не одби за каква било поддршка и помош. Ни „изгореа“ личните доверени средства во Еуростандард банка од повеќегодишниот грабеж толериран од државата. Премиерот Заев продолжи и да ги повикува нашите сограѓани да ги внесат парите „од под перница“ во банкарскиот систем за подобрување на економските текови, а ние што имавме заштеди и работевме преку лиценцирана и контролирана банка, ни ги украдоа парите преку ноќ. Каква порака се праќа со таков однос? Ставете ги парите во банка за да криминалците ве ограбат, а ние како држава да им дозволиме и помогнеме.

Зошто не се помрдна ништо од мртвата точка по прашањето за правни лица кои не се обештетуваат од Фондот за осигурување на депозити, а се законски приморани да работат исклучиво преку банка? Во Еуростандард банка има 2.000 ограбени фирми. Во ниту една земја на европскиот континент и пошироко, нема таков закон кој на ваков начин ги оштетува фирмите во случај на стечај на банка. Не се обештетуваат, а Фондот се поставува пред нив во наплата и им ги зема сите пари. Неправичност и дискриминација. Уставен и законски грабеж толериран од Владата и неодамна потврден со решение од Уставниот суд.

Што значи учеството на високи претставници на Народна банка на чинот на потпишување на договор за кредит од 10 милиони евра за докапитализацијата на Еуростандард банка во 2019 година, при што како гарантирани средства се дадени пари од нашите депозити во висина од 3 милиони евра? Народна банка присуствувала и го помогнала овој криминален чин на потпишување и извршување на штетен договор за нас, ограбените граѓани и фирми депоненти, за да за цело минато време се пласираат јавни објави од гувернерката Бежоска и нејзиниот прв тим на соработници дека докапитализацијата е направена со сопствен капитал на акционерите на банката, а не од депозитите на граѓаните и фирмите. Кога ќе одговара гувернерката Бежоска за противзаконската докапитализација на банката?

Кога ќе одговара Трифун Костовски за јавното признание за сторено кривично дело со противзаконската докапитализација на банката?

Кога ќе одговара главниот криминалец и виновник Трифун Костовски и неговите пиони Коста Костовски и Николче Петкоски за масовниот повеќегодишен грабеж на депозити во банката? Како тоа одобриле и потпишале стотици ненаплатливи кредити на проблематични и несолвентни фирми со очигледна цел парите да не се вратат во банката? Како е возможно 73 отсто од портфолиото на кредити на правни лица или 55 милиони евра да не можат да се наплатат бидејќи парите се дадени на вересија? Како тоа гувернерката Бежоска не го видела овој криминал во банката со години, а тврди дека правеле редовни контроли и дека направиле се соодветно и навремено, а ние сега сме целосно покрадени!?

Зошто молчат премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за борба против корупција Љупчо Николовски? Криминалците се добро познати, доказите за нивниот криминал веќе ги имаат подолго време и знаат каде завршиле нашите пари. Можеби ова последното е причината за нивниот молк и толеранција. Парите завршиле и се поделиле понатаму кај поединци и сопственици на 149 фирми, а можеби и повеќе, сите соучесници во овој организиран криминал. Меѓу нив има и браќа и сестри, кумови, блиски пријатели, адвокати, побратими и сопартијци на добро познати ликови од македонската бизнис и висока политичка сцена.

Дали и реакциите на вицепремиерот за борба против корупција и министерот за правда ќе бидат исти како и до сега односно никакви, или конечно некој ќе се зафати со разврската на гордиевиот јазол од докажан висок криминал и корупција“, соопштија од здружението Оштетени штедачи.  

 

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе