Реакција

Оштетени штедачи: Од 2017 се знаело дека во Еуростандард банката се переле пари

Дали Народна банка знаела дека имало трансакции за перење пари и други приноси од казниво дело во Еуростандард банка со години и што направила да не го дозволи тоа да се случува? Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање во својот говор на надзорната расправа во Собранието истакна дека уште во 2017 година се констатирани сомнителни финансиски активности правени од страна на Еуростандард банка односно постапувања спротивни на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.

„Тогаш било констатирано и дека Еуростандард банка отворала сметки на оф-шор компании. Согласно изнесеното, овие активности за перење пари многукратно се зголемиле во 2018 и 2019 година. За сето ова и во целиот период од неколку минати години било информирано и добро запознато раководството на Народна банка, кое уште тогаш директно ги воочило ваквите нелегални активности и сериозни финансиски трансфери односно констатирало голем ризик со активности за перење пари од страна на Еуростандард банка.

Кон средината на октомври оваа година, два месеца по затворањето на Еуростандард банка, Народна банка поднесе кривична пријава за четири лица од банката. Намерно или не, Народна банка пропушти да соопшти дека освен за предизвикување стечај на банката според Законот за банки, кривичната пријава кон овие лица од банката е поднесена и за кривично дело перење пари и други приноси по член 273 став 1 од Кривичниот законик.

Ја прашуваме Народна банка и гувернерката Бежоска зошто не ја поднеле кривичната пријава кон четирите лица уште во 2017 година кога веќе знаеле и директно се увериле дека се прави и таков криминал со перење пари во банката? Зошто чекале и не преземале активности со години и оставиле сега ние да бидеме целосно оштетени како депоненти поради масовниот криминал спроведен во банката? Ова е еклатантен доказ и пример за ненавремено постапување на раководството на Народна банка и гувернерката Бежоска да го спречат грабежот и да ги заштитат нашите депозити во банката.

За гувернерката Бежоска не беше доволно само јавно да дава лажни изјави за сигурноста на нашите депозити во банката пред самото нејзино затворање кога лично знаела за состојбата со масовно непокриените и ултра ризични кредити заедно со утврдените трансакции за перење пари што се случувале во банката континуирано повеќе години. Зошто да ги плаќаме скапо од наши пари гувернерката Бежоска и раководството на Народна банка кога не ги завршуваат задачите за кои се надлежни и обврзани со закон, туку напротив работат против нашите интереси!?

Веруваме дека истражните органи ќе ги констатираат сите неправилности и злоупотреби вклучително и непостапувањата по службена должност и овластување на сите учесници како и раководството на Народна банка и првиот човек во неа. Се надеваме и дека постапката за утврдување на криминалот и сите инволвирани во него нема да трае со години и да предизвика застарување на делата, како што тоа гледаме дека полека но сигурно станува пракса во државава и со други дела. Продолжуваме со борбата за вистината и правдата“, велат од здружението Оштетени штедачи.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе