Уставниот Суд на седницата одржана на 24 февруари реши да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со којшто на Фондот за осигурување на депозити му се дава предимство при наплата на побарувањата во стечајната постапка во однос на сите други доверители.
„Останува прашањето дали пораката до народот со неукинување на овој член е дека парите над осигурената сума за физички лица и целокупната сума на правни лица во банките им се несигурни и истите треба да си ги повлечат. И дали фирмите не треба да работат преку банка?
Ваквото наше убедување по одржаната седница на Уставниот суд од 24 февруари е уште поголемо бидејќи седницата беше од отворен тип, и на истата присуствуваше јавноста, меѓу која имаше и наши претставници. Излагањето на четворицата судии кои ја поддржаа иницијативата имаа издржано излагање, и тоа чувство ќе го споделиме и докажеме на јавноста во целост во наредните денови.
Тоа се судиите Јован Јосифовски како судија известител, Никола Ивановски, Дарко Костадиновски и Елена Гошева. Нивните дискусии и образложенија за неуставноста на член 163 став 3 од Законот за банки беа далеку над нивото од дискусиите на судиите кои не ја поддржаа иницијативата. Сите четворица наведени судии изнесуваа аргументи, цитираа одредби од законите и Уставот, даваа поткрепени стојалишта на своите размислувања, едноставно, јасно, концизно и прецизно, за секој да разбере, изнесоа дека иницијативата треба да биде прифатена.
Наспроти нив беа петте судии кои негативно се определија по однос на иницијативата. Тоа се судиите Сали Мурати, Насер Ајдари, Осман Кадриу, Вангелина Маркудова и Добрила Кацарска. Нивните дискусии (Добрила Кацарска дури и не дискутираше, туку се повика на некоја претходна дискусија) беа бледи, неаргументирани, со потенцирање на некаква социјална сигурност (небаре Уставниот Суд е социјална установа), без концизност во излагањата, со нејасни и непрецизни размислувања до тој степен, што известителот Јован Јосифовски во еден момент буквално ги праша да појаснат зошто всушност тие сметаат дека одредбата од Законот за банки е во согласност со Уставот. Тогаш настана молк, и на сите, дури и на најголемите лаици присутни на седницата им стана јасно кој е во право и на чија страна е правдата. Поточно, стана јасно во буквална смисла дека иницијативата е основана, и дека нема аргументи истата да не биде прифатена. Но, очигледно, во оваа држава ниту во Уставниот суд не владее правото и правдата“, соопштија членовите на Оштетени штедачи.