По расправата во Собранието

Оштетени штедачи: Надзорната расправа покажа дека во криминалот во Еуродстандард учествувал и Вице Заев

Поголемиот број излагачи на минатонеделната собраниска надзорна расправа за стечајот во Еуростандард банката се согласија дека се работи за организиран криминал. Сите докази се лесно достапни за истражните органи и органите за прогон. Едноставно, не е можно 149 фирми или 72,6 отсто од кредитното портфолио на правни лица во банката да имаат ултра ризични и ненаплатливи кредити во вкупен износ од околу 55 милиони евра, а да не се работи за добро осмислен и спроведен криминал почнувајќи од 2013 година па наваму, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.

„Криминалот е почнат, организиран, спроведен и развиен од лица на раководни позиции во Еуростандард банка. Раководните лица од управниот, кредитниот и надзорниот одбор од банката заедно со избраните фирми каде се слевале ненаплатливите кредити се директни учесници, главни виновници и одговорни за организираниот криминал. Тие се оние кои го оркестрирале целото злосторство што ги остави доверителите, граѓани и фирми, без своите средства доверени во банката. Главниот сопственик и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на банката, Трифун Костовски, на надзорната расправа повторно јавно и отворено ја призна својата лична вина и одговорност за сторениот криминал и потврди дека е спремен и очекува да одговара за тоа. Го спомена и неговиот постар син и долгогодишен раководител на кредитниот одбор за физички и правни лица во банката, Коста Костовски, кој е исто така виновен и одговорен за сторениот криминал. Неговиот татко истакна дека тој наводно бил наивен и изигран од поранешниот претседател на управниот одбор Николче Петковски за да одобрува и потпишува високо ризични и ненаплатливи кредити делени на одбрани фирми. Во овој домен беа испрашани и директорите на истражните државни органи кои директно го потврдија сторениот криминал преку тековните истраги по поднесените кривични пријави како и активностите од банката со отворање на сметки на оф-шор фирми и реализирани трансакции за перење пари и финансирање на тероризам кои почнале во 2017 година и многукратно се зголемиле во последните години. Прашање кое останува неодговорено, при вакви цврсти докази и јавни признанија од главните учесници во криминалот предводени од сопственикот Трифун Костовски, е што се чека овие крадци на нашите пари да се изнесат пред лицето на правдата и да одговараат за сторените злоупотреби. Што треба да се случи во оваа земја за правдата да биде задоволена и криминалците да одговараат!?

Народна банка е соучесник во организираниот криминал. Народна банка увидела дека сомнителните и спорни кредити (ненаплатливи или тешко наплатливи) не се давале случајно, туку дека се работи за организирана шема која се повторува, односно дека се работи за организиран криминал. Таа можела да преземе низа мерки како што е и одземање на лиценците на оние луѓе во банката кои го спроведувале криминалот, но не го направила тоа. Дополнително, во 2019 година уште и дала лиценца за работа на човек без ниеден ден банкарско искуство! Таа можела да поднесе и кривични пријави за злоупотреба на службена должност и овластување на крадците од банката уште пред неколку години, но не го направила ни тоа. Едноставно, дозволила да криминалот се случува и парите на депонентите да исчезнат преку добро организирани криминални шеми, кои сега се предмет на истрага. Се разбира, најголема одговорност има гувернерката Анита Ангеловска Бежоска која знаела за криминалот, но подолго време не делувала. За цело време таа даваше и јавни лажни изјави дека банката е сигурна како дел од банкарскиот систем во земјата и што е најважно за депонентите кои веруваа во банкарскиот систем, дека депозитите им се сигурни и не треба да постои никаква грижа. Истовремено, Народна банка пласирала инсајдерски информации до нивни блиски луѓе дека планира да ја затвори Еуростандард банка за да ги извадат своите депозити од банката. Меѓу нив е и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска за која Антикорупциската комисија утврди проблематичен професионален и морален кредибилитет како и конфликт на интереси поради извлекувањето на нејзини лични пари непосредно пред затворање на банката. При вакви еклатантни факти за свесни злоупотреби, неделување и дозволување криминалот да се развие до незамисливи граници кои сега не може да се поправат, најмалку што може гувернерката и нејзиниот тим да направат е да ги напуштат позициите на кои што се сега и да дадат неотповикливи оставки. Се разбира, таквиот чин нема да ги амнестира од вината и одговорноста за соучеството во овој организиран криминал.

На надзорната расправа власта ја обвини опозицијата за фирми блиски до претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кои земале кредити од Еуростандард банка и никогаш не ги вратиле. Опозицијата пак, изнесе факти дека голем дел од нашите пари завршиле во фирми од Струмица, блиски до семејството Заеви. Но она што е неспорно, врз основа на изнесеното на надзорната расправа во Собранието, е учеството во криминалот на Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, како косопственик на фирмата „Сара Инженеринг“ доо од Струмица. Според извештајот за стечај на банката, оваа фирма земала кредит од околу 600 илјади евра и воопшто не исплатила ниту една рата неполни 2 години. Едноставно, дел од нашите пари се слевале и директно во џебовите на братот на премиерот и на неговите партнери во фирмата. За овој скандал е вредно да бидат запознати меѓународните институции и јавност како се случува блиски луѓе на водачите на најголемите партии во земјава, членови на нивно семејство или пријатели, директно да учествуваат во крадењето на нашите пари во земја која претендира да стане дел од европското семејство. Можеби оваа лекција ќе биде прва во претпристапните преговори во поглавјето за борбата против криминалот и корупцијата.

Физичките и правните лица кои останаа без своите пари, ограбени, омаловажени, излажани и злоупотребени поднесоа и иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставноста и законитоста и воедно укинување на членот 163 став 3 од Законот за банки со којшто се дава приоритет за целосна исплата на стечајната маса на државниот Фонд за осигурување на депозити, со што се прави нееднаквост и дискриминација кон сите останати депоненти од стечајната маса. Несомнено, оваа иницијатива наидува на бурна реакција и оспорување од банкарско-мафијашкото лоби кое имаше и свои претставници на надзорната расправа во Собранието. Нивната цел е да продолжи праксата на злоупотреби и кражба на нашите депозити и постигнување на ултра високи профити на наш грб, а наведениот член од Законот за банки директно допринесува во таквите нивни заложби. Нашето барање до Уставниот суд е поднесената иницијатива да добие приоритет во одлучување и правичност во постапката. Веруваме дека овој пат ќе бидеме посилни од банкарската мафија во нашата држава бидејќи правдата е на наша страна.

Веруваме и се надеваме дека државата ќе ја признае својата грешка со ненавременото постапување на Народната банка и останатите релевантни државни институции во заштита на нашите депозити и ќе изнајдат начин да ги исплатат нашите побарувања во целост. Не помалку важно е да се изнесат сите учесници во овој организиран криминал пред лицето на правдата и да одговараат кривично и материјално. Само на таков начин државата ќе покаже дека се бори против криминалот и корупцијата на најтранспарентен и директен начин и ќе прати порака до сите останати раководни лица и сопственици на банки што ги чека ако ја спроведуваат истата агенда на злоупотреби и грабеж како што се случувал со години во Еуростандард банка. Во исто време, ваквиот посакуван потег ќе влее и надеж на целата македонска јавност дека државата не толерира неправда и грабеж кон обичниот народ којшто се случил не по негова вина и секој оној кој ќе се обиде да го направи тоа ќе одговара. На тој начин добива економијата во целост, но добива и правната држава која обезбедува правна сигурност на граѓаните и верба во институциите на системот“, велат од здружението Ограбени штедачи.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе