среда, 8 мај 2024
Избори 2024

Ковачевски им честиташе победа на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Сиљановска Давкова

Ја честитам избораната победа на нашиот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Им честитам и на сите 120 пратеници кои ќе бидат избрани и им посакувам успешна работа во интерес на македонските граѓани и европската иднина на државата. Ѝ честитам на Гордана Сиљановска Давкова за изборот за претседател на државата, и се надевам и очекувам функцијата да ја извршува согласно уставните и законските овластуваа и евроатланската посветеност на државата. Ова вечерва го рече лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски признавајќи пораз на двојните избори.

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на СДСМ им се заблагодари на сите граѓани за, како што рече, успешниот изборен ден.

„Македонија имаше слободен изборен ден согласно европските стандарди. Му се заблагодарувам на нашиот кандидат и претседател Стево Пендаровски и на поддржувачите за демократскиот и фер пристап кон изборите“, рече на почетокот од прес-конференцијата во штабот на СДСМ, Димитар Ковачевски кој е и носител на листата на коалицијата на СДСМ во Изборната единица 1.

Клучно, како што додаде, во наредниот период ќе биде враќање на СДСМ на победничките патеки.

Ковачевски изрази очекување ВМРО-ДПМНЕ да не биде и натаму партија позната по злоупотреба на моќ.

Тој додаде дека граѓаните со право се незадоволни од состојбите и од кризите во изминатите години и дека и тоа придонесе за поразот, како и некои, како што се изрази, внатрешни состојби во партијата, иако, како што нагласи, СДСМ и Владата вложија напори, чесно и посветено да им се помогне на граѓаните.

„Постигнавме многу и времето ќе покаже дека бевме на прав пат. СДСМ ќе се однесува одговорно, но топката сега е кај ВМРО-ДПМНЕ. Природниот пат кон ЕУ не смее да запре, а во тој случај и безбедносниот ризик ќе биде голем. Нема назад, мора да се оди напред, местото на Македонија е во ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој се заблагодари на сите членови на СДСМ и на граѓаните за поддршката и слободните и фер избори. На крајот им се заблагодари на сопругата и семејството за поддршката.

Да живее Македонија, рече на крајот од обраќаето лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ