Одобрени три инвестициски проекти за Македонија во вкупен износ од 24 милиони евра

Управниот комитет на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ (Western Balkas Investment Framework – WBIF), донесе одлука на Република Македонија да ѝ одобри три апликации за инфраструктурни проекти во вкупен износ од 24 милиони евра грант (неповратни) средства за техничка помош и инвестиции.

Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, одобрена е апликација за изградба на Автопат А2 Гостивар – Кичево и тоа за делница Букојчани – Кичево, должина од 12,7 км, како дел од Коридор 8, при што се обезбедени над 20 милиони евра (20.348.000 евра). Вкупните средства за изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево изнесуваат околу 105 милиони евра. Останатите средства ќе се обезбедат од ЕБОР во вид на заем во износ од 79,2 милиони евра и учество на ЈПДП од сопствени средства во износ од 6 милиони евра.

Одобрена е апликација за инвестициски грант за градежни работи за рехабилитација и реконструкција на државен пат А2 делница, делница Крива Паланка – Деве Баир (Граница со Бугарија), како дел од Коридор 8, со што се обезбедени над два и пол милиони евра (2.570.000 евра за инвестиции и 50.400 евра за техничка помош). Со оваа инвестиција се планира рехабилитација и проширување на патната делница во вкупна должина од 13 километри, која е дел од источниот Пан-европски патен коридор 8, а со тоа придобивките од реализацијата на проектот би биле не само од национален, туку и од регионален интерес. Имено, како што се наведува, за реализација на овој проект на 20.09.2018 година склучени се договорот за заем и договорот за гаранција, со што од Европската банка за обнова и развој обезбеден е заем во износ од 10 милиони евра, а учеството на ЈПДП од сопствени средства изнесува 1,37 милиони евра.

На крајот, во рамки на 20-от ВБИФ повик одобрена е и апликацијата за грант средства за техничка помош во износ од 1 милион евра за подготовка на Физибилити студија и Студија за влијание на животната средина и социјалните аспекти на проектот ХЕ Чебрен. Со Физибилити студијата ќе се направи детална анализа на целокупната досега изработена техничка документација за објектот и ќе е дефинира оптимално техничко решение кое треба да биде финансиски и економски одржливо, а воедно ќе се разгледа и стратешката оправданост на оваа инвестиција. Паралелено со изработката на Физибилити студијата ќе се изработува и Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, која ќе биде изработена согласно меѓународните стандарди и конвенции за објекти од ваков тип и согласно домашната легислатива.

Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) официјално беше отворен во 2009 година, како заедничка иницијатива на Европската комисија, Банка за развој при Совет на Европа, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ)  и подоцна приклучените Светска Банка и Германската развојна банка (KfW). Средствата за WBIF главно доаѓаат од следните извори: Ресурси алоцирани од Регионалниот ИПА пакет; Грантови кои што ги доделуваат меѓународните финансиски институции; Грантови кои што ги доделуваат билатералните донатори преку Заедничкиот фонд за Западен Балкан (European Western Balkans Joint Fund – EWBJF), соопштија од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања. 

Кинеското присуство во Македонија не треба да се преценува или стигматизира, туку да се искористи,

повеќе

Земјите од Западен Балкан се соочуваат со нов безбедносен предизвик: дерадикализација и реинтеграција на повратниците.

повеќе

Граѓаните сѐ повеќе ја согледуваат неопходноста од непартиска форма на самоорганизирање.

повеќе