четврток, 28 март 2024

И една да е вреди да се направат фотографии во Владата

Техничкиот премиер Талат Џафери, како што може да се види на фотографијата, имаше чест да се фотографира со Ерјона Јонузи, млада девојка, висока 183 см, која ги брани боите на македонската одбојкарска репрезентација. А, како што ќе рече техничкиот премиер на сите граѓани на Македонија, девојката е единствената Албанка во нашата женска репрезентација и одбојкарка прогласена за најдобра на теренот во мечот против Летонија кој лани сме го загубиле.

Објавено на

часот

Сподели

„Денес се сретнав со спортистката Ерјона Јонузи, млада одбојкарка со блескава 12 годишна кариера. Ѝ честитав што е единствената добитничка на титулата MVP во европските натпреварувања и покрај поразот на Северна Македонија против Летонија. Единствена Албанка во репрезентацијата, која игра на специфична позиција додавач, добитничка на признание од Агенцијата за млади и спорт и од Општина Тетово. Спортската кариера на Ерјона има блескава иднина која безрезервно ја поддржувам“, напиша Џафери на Фејсбук објавувајќи серија фотографии.

Секоја чест за Ерјона Јонузи, би додале ние. Такви спортисти и спортистки ѝ се и тоа како потребни на Македонија. Не за џабе велат дека спортот е најдбориот амбасадор на земјата. Спортистите се и пример како се сака земјата за која се настапува.

Одамна во светот на спортот воопшто не е битно кој спортист од која етничка заедница е. Не е битно ниту кај нас. Во фудбалот на пример, сите во Македонија се радуваме на головите на Барди, Енес, Адеми, или на одбраните на Димитриевски. Или да се присетиме како се радувавме кога Меккелејб, кој и не беше од Македонија, изведуваше вратоломии протнувајќи се под и низ долгите раци на противниците од европските велесили и кои завршуваа со кош. Македонија го освои фантастичното четврто место,  а со малку среќа можеше да заиграме и во финалето, да не беше несреќната последна секунда во мечот против Русија. Да не ги редиме и другите спортски дисциплини, како борењето, боксот итн.

Името на Еројна Јонузи е поголемо од името Талат Џафери, барем во очите на љубителите на спортот, каде нема многу политика. И сите се радуваат на нејзините мајстории и потта што ја остава на паркетот за репрезентацијата.

И треба да му е чест да се фотографира со Јонузи. Можеби неа подраго ќе ѝ беше на приемот да дојдоа и нејзините соиграчки од репрезентацијата.

И треба на Џафери да му биде чест да ги обиколи и местата во источниот дел од Македонија, да се запознае со проблемите на граѓаните, на општините, на стопанството. Без оглед што е предизборен период. И без оглед што тој е само технички премиер со ограничен рок на трајност во Владата. Но, кој пак да знае колку е тој рок?

П.Џ.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ