Во рамките на настанот, беа избрани новите членови на одборот на директори на АмЧам: Маја Филипчева - директор за даноци во Грант Тортон; Никола Љушев - главен и извршен директор на Македонски телеком; Ламбро Патче - менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје, Кока-Кола и Хајнекен; Иван Новаковски - директор на НОВА Интернационално училиште и Јордан Димитровски - сопственик и генерален директор на Аитоникс.
Главниот гостин-говорник на настанот, амбасадорката на САД, во своето обраќање се осврна на релациите помеѓу САД и Република Северна Македонија и притоа изјави: „Денес го славиме успехот на АмЧам. Оддаваме признание за вашата посветеност во поттикнувањето партнерство помеѓу нашите две земји. Свесни сме дека поради вас и вашите напори, бизнис релациите, како и поврзувањето на луѓето помеѓу РСМ и САД, денес се многу подлабоки, пошироки и поцврсти”.
Претседателот на АмЧам, Љупчо Георгиев, во неговиот говор зборуваше за постигнувањата на АмЧам, предизвиците со кои се соочи комората поради кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19, како и трансформацијата на организациските процеси со цел полесно справување со можните ризици: „Пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19 отвори врата за уште поголеми предизвици. Време во кое животот и бизнисот какви што ги познававме се претворија во една нова реалност - глобално, локално, без никакви исклучоци! Иако, сега можеби ни изгледа дека влијанието на пандемијата врз начинот на кој живееме и работиме е многу тешко и длабоко, сепак, сметам дека сега е моментот да размислуваме за раст и развој и како да бидеме посилни, подобри и приспособливи”.
Вториот дел од настанот беше посветен на 20-годишниот јубилеј во чија чест се одржа и панел дискусијата „Пред 20 години и сега” во која учествуваа двајца значајни панелисти, Кристијан Поленак, основач и претходен претседател на АмЧам и партнер во адвокатското друштво Поленак и Љупчо Георгиев, претседател на АмЧам и генерален менаџер на Мајкрософт во РСМ. Панелистите дадоа осврт на минатото, сегашноста и иднината на комората, споделувајќи историјат на значајни настани и постигнувања во текот на изминатите две децении. АмЧам изрази благодарност и почит кон компаниите-членки, основачите, поранешните претседатели и амбасадата на САД, за поддршката во растот и развојот низ годините.