Владата планира воведување економски мерки против Москва

Од санкциите кон големата руска економија најмногу штети ќе има македонското земјоделство

Најавата дека Македонија ќе се приклучи кон светските сили со воведување санкции кон Руската Федерација поради случувањата во, и околу, Украина го наметна прашањето што ќе значи тоа за економијата на нашата земја имајќи предвид дека не само што Македонија е мала во споредба со другите западни економии, туку веќе се наоѓа и самата во економска криза? И дали самата ќе може да го преброди периодот додека односите со Русија не се подобрат? Најголеми штети, велат од Македонско - руската стопанска комора, ќе претрпат фирмите кои тргуваат со земјоделски производи и индивидуалните земјоделци.

За можноста од заострување на ситауцијата поврзана со Украина до степен на конфликт и преземање на мерки од страна на многу земји и главно на сите членки на НАТО, оддамна предупредуваа економистите и кај нас, посочувајќи дека можеби не директно, колку индиректно, земјава ќе претпри штети имајќи ја предвид и големата зависност на Европа од руските енергенси.

Тоа што е можеби интересен податок кога се говори за санкции на Македонија кон огромната земја е дека Русија е дури на 20-тото место како трговски партнер на Македонија. Се чини дека Македонија планира да го презема тој чекор повеќе затоа што економски е поврзана со Европската Унија, (покрај тоа што е членка на НАТО) од каде ќе очекува економски последици, но веројатно и финансиска поддршка за загубите.

Пред само неколку денови гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска учествуваше на конференција организирана од белгиската Централна банка. Гувернерката тогаш изнесе податок дека трговијата на Македонија со Русија и со Украина учествува со само 2 процента во вкупната трговска размена на нашата земја.

„Финансиската изложеност е многу мала, додека странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5% во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор. Само 0,1% од дознаките доаѓаат од Русија и Украина. Сепак, можни се и индиректните ефекти. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито", оцени тогаш гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Од Народната банка денеска МКД.мк побаравме и попрецизен податок, со оглед дека станува збор за санкции кон Русија, а не и кон Украина, за колкав процент станува збор на трговска размена со Руската Федерација. Одговорот што го добивме е дека трговската размена со Русија изнесува 1,2 проценти од вкупната трговска размена на Македонија.

Од Министерството за економија за МКД.мк велат дека Руската Федерација пред две години била 18-тиот по значење трговски партнер на Македонија, додека минатата година е на 20-тото место на листата значајни партнери на земјава.

Динамиката на трговската размена од 2017 година изразена во американски долари изгледа вака:

За 2021 остварен е раст во вкупната трговија од 12,4%, извозот е намален за 5,4%, а увозот е зголемен за 19,7% во однос на 2020 година. Или, тоа што и пред воведувањето на санкциите кон Русија веќе било лоша вест е дека Москва можела да се пофали со зголемен извоз во Македонија, иако за нив тоа се незабележителни суми.

Од службата за односи со јавноста од Министерството за економија го добивме податокот дека во увозот од Русија доминираат енергенси, производи на црната металургија, потоа камен јаглен, нафта, масла и хемиски ѓубрива.

Македонската економија бидејќи не е силна, а има добра трговска размена со неколку западни економии, особено со Германија, можеби нема директно да ја почувствува острицата на санкциите врз сопствена кожа, како што тоа ќе го почувствуваат земји од ЕУ кои се директно и во големи износи зависни пред сѐ од руската енергија, но бездруго ќе се очекува силно индиректно прелевање преку западните економии.

„Геополитичките случувања, вклучително и руско-украинските тензии може неповолно да се одразат врз динамиката на заздравувањето на глобалната економија, како и на глобалните пазари на примарни производи. Доколку дојде до забавување на глобалниот раст, а особено растот на ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер, тоа може да има одредено неповолно влијание и на динамиката на растот на домашната економија", смета гувернерката Ангеловска Бежоска.

Тоа што е тешко да се процени е како руско-украинската криза и наметнатите санкции ќе ги пребродат компаниите кои со години имаат успешна соработка и задоволителен извоз, како на пример еден Алкалоид, (доколку и лековите и медицинските производи бидат на тапет), но уште повеќе како ќе поминат малите компании и фирми кои со години се бореа да настапат на огромниот руски пазар за да го пласираат својот производ, а во таа насока имаа и државна поддршка и настапуваа на саеми во Русија со цел да влезат на тој пазар. Можеби ќе има и импликации во регионална смисла, а имајќи предвид дека Македонија има најголема соработка со Србија, која пак како традиционален пријател со Русија, нема да воведе санкции.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во извозот на Македонија во Русија најзастапени според вредноста, се лековите и јаболката.

Најизвезувани производи од Македонија во Руската Федерација за периодот 2021 година со вредност над 100.000 американски долари се следните:

Извршниот директор на Македонско – руската стопанска комора м-р Дејан Бешлиев денеска, во интервју за МКД.мк, вели дека најголемите штети од санкциите доколку се воведат, би претрпел земјоделскиот и прехранбениот сектор и фармацевтската индустрија.

„Само за илустрација би споменал дека повеќе од третина од земјодеските трговски вишоци во земјава се пласираат во Руската федерација. Многу компании од овој сектор и индивидуални земјоделци ќе се најдат во тешка состојба, иако побарувачката на земјоделски производи рапидно расте и на светскиот пазар. Но, не е така лесно да се дојде до нови бизнис партнери и затоа од низа македонски компании до нас стигна апелот да се заложиме да не се воведат санкции на извозот на храна во Русија", вели Бешлиев.

П.Џамбазоски

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе