Укинати се антикризните мерки

Од денеска сѐ поскапува

Престанаа да важат владините антикризни мерки воведени во март за ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Од денеска основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти. За првпат еден литар бензин од денеска се продава над 100 денари.

Во април имавме инфлација од 10,5 %, најголема во последните 28 години. Мерките за замрзнување на основните прехранбени продукти од денеска не важат, па се очекуваат нови цени за брашното, млекото, лебот, оризот, јајцата, маслото за јадење... Во април во просек цените се зголемија за 11% - за 12 отсто поскапеа земјоделските производи, за 8 отсто индустриските, прехранбените производи и тутунот... Месецов ја чекаме новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за новата цена на струјата и новите тарифни модели. Пред шест месеци струјата поскапе за 10 отсто.

Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите.

Цената на нафтените деривати во 2020 година беше 57 денари за литар. Од денеска таа бројка е над 100. Според новите цени, еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

Се очекува пораст и на каматните стапки на кредитите. Секој втор македонски граѓанин има кредит.

Синдикатот во април пресмета дека потрошувачката кошничка за едно просечно македонско семејство чини 38.000 денари, од кои за храна одат 16.000 денари, за сметки 11.000 денари, а останатите пари одат за лекови, превоз, облека, културни настани... Се очекува синдикалната пресметка за кошничката за јуни.

Од опозицијата најавуваат дека ќе поднесат закон со кој ќе предложат прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, а ДДВ-то на горивата да биде пет проценти.

Од Министерството за економија најавуваат нови пакет мерки за заштита на стандардот на граѓаните и на стопанството. Цените и на светско ниво одат нагоре. Сите бараат зголемување на платите и зголемување на куповната моќ на македонскиот граѓанин. Како?

А.Д.

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе