ФИТР

Нови пет милиони евра за иновации, проверки на фирмите што ќе аплицираат за грантови

Триста компании веќе подигнале апликациски формулар за тековниот повик за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, инструмент на Фондот за иновации и технолошки развој преку кој се на располагање пет милиони евра. Тоа, според директорот на ФИТР Јован Деспотовски, го покажува интересот на компаниите за инструментот и нивната доверба за процесот што се спроведува.

Условите за добивање на финансиите со повикот, објавен на крајот на минатиот месец и ќе биде отворен до 15 мај, денеска беа претставени пред стопанските комори во државава кои воедно слушнаа искуства на компании корисници на средства од претходниот повик на ФИТР.

Пет милиони евра од кои 3 од буџетот и 2 милиони со заем од Светската банка обезбеди Фондот за иновации за големи, средни и мали компании кои ќе може да аплицираат за грант од максимум 350 илјади евра, за да ги подобрат своите капацитети. Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека при изборот на најдобрите проекти за иновативност, ќе одлучуваат две експертски комисии.

„Првиот филтер ќе треба да го поминат кај комисија составена од домашни експерти, а крајниот збор ќе го има втората комисија која е составена од 5 странски експерти. За средни претпријатија, кофинансирањето изнесува 60%, а останатите 40% ги дава компанијата, малите и микро претпријатијата добиваат помош со 70% со цел да ги охрабриме да ги подобрат своите ресурси. Крајната цел е овие компании да станаат конкуренти на пазарот, односно извозно ориентирани и препознаени на странските пазари“, рече Анѓушев.

Тој појасни и дека целиот процес ќе го следи номинирана ревизорска компанија која ќе биде задолжена за тоа дали доделените средства се применуваат во согласност со предложениот проект.

Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации информираше дека досега формуларот за апликација го пополниле околу 300 компании. Во однос на прашањето дали ќе се спроведува контролен механизам за вмешаност на функционери во сопственичката структура на компаниите, Деспотовски рече дека фирмата при поднесување на документите е должна да приложи изјава со која потврдува дека во сопственоста нема вклучен носител на јавна функција. Но, ако има, тие нема да бидат дисквалификувани, туку ќе бидат дополнително проверувани.

„Носител на јавна функција е широк поим и тука не спаѓаат само министри и заменик-министри. Доколку во некоја компанија има удел функционер, проценка на ризик за загрозување на проектот ќе се врши со посебен протокол, односно во соработка со експертски тим од ‘Транспарентност Македонија’. Доколку се утврди дека има ризик, тогаш компанијата ќе биде одбиена за грант. Знаете, овој механизам го воведовме за да нема бранувања во јавноста, како што имаше по првиот повик, односно да бидеме транспарентни и одговорни“, рече Деспотовски.

Тој објасни дека во овој повик право на аплицирање имаат и приватни здравствени установи, ќе бидат отворени и канцеларии во Тетово, Струмица и Битола, за да им се помогне на компаниите од овие региони да се вклучат во проектот.

Повикот е отворен до 15 мај, а проектот за кофинансирање ќе трае 24 месеци.

Се очекуваат инвестици од приватниот сектор за истражување и развој, заштита на интелектуалната сопственост, дизајн на продукти, развој на пилот линии, активности за обезбедување квалитет, маркетинг и продажба…

Новина во однос на претходниот повик, е воведувањето на т.н ројалти принцип. При успешна реализација на проектот откако компанијата ќе го заврши и почнува да генерира приход за услугата односно производот за кој е кофинансирана, има обврска во ФИТР да плаќа пет проценти од годишниот приход, со ограничување до 120 проценти од вкупната инвестиција од Фондот.

„Веруваме дека компаниите ќе реализираат успешни проекти кои ќе генерираат висока додадена вредност, има пазарна логика, а има логика и од искуствата во САД, дел од западноевропските држави, израелските искуства, каде што инвестицискиот фонд без разлика на изворот на финансирање има можност да се рефинансира преку учество во успехот на проекти. Како што сме партнер во реализација на самата инвестиција на проектот треба да бидеме партнер и во делењето на резултатите од успехот“, рече Деспотовски.

Тој информираше дека 18 од 35 финансирани проекти во изминатиот период се завршени, генерираат приход и по основ на ројалити исплатиле 10-ина проценти од вредноста на добиените средства.

„Со набавка на нова опрема успеавме да постигнеме оптимизација на производството, ги намаливме трошоците, а на пазарот понудивме висококвалитетен и конкурентен производ“, рече Марија Стојановска, директор за човечки ресурси во домашната компанија „Виталија“.

Со минатогодишната програма за технолошки развој и иновации преку владиниот План за економски раст се поддржани проекти во вредност од 28,3 милиони евра во кои учеството на државата изнесува 16,2 милиона евра, а останатите се на приватниот сектор.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе