Нов тренд во Европа и САД: Градски хотели со 3 или 4 ѕвездички нудат хотелски соби како работни канцеларии

Нарушениот баланс помеѓу извршувањето на работните задачи од дома од една страна, и домашните и родителските обврски од друга, претставуваа мотив за хотелиерите од европските и американските метрополи да почнат да размислуваат и да реализираат нова понуда на услуги во своите сместувачки капацитети: дел од хотелските соби да ги нудат како дневни канцеларии од 8 до 18 ч, во кои луѓето ќе имаат мир и тишина за работа и концентрација, одлична интернет-конекција и непречена атмосфера за продуктивно извршување на работните задачи.

И по 6 месеци од прогласувањето на пандемијата на ковид-19 во поголем дел од светот, хотелиерската дејност, како дел од најсмртно ранетата индустрија – туризмот, сè уште се наоѓа во коматозна состојба. Ова особено се однесува на хотелите во големите градови и економски центри во Европа и светот, кои пред пандемијата најголем дел од своите приходи остваруваа преку деловните / бизнис патувачи. Сепак, хотелиерите не седат со скрстени раце, туку од петни жили се обидуваат да сторат нешто за да видат знаци на живот за своите бизниси. Последната сламка за која давениците се фаќаат за да преживеат е понудата на хотелски соби како работни канцеларии во повеќето главни и поголеми градови низ државите во Европа и САД.

Имено, голем број вработени луѓе од многу разноразни професии и индустрии, како на пр. новинари, автори, истражувачи, преведувачи, фриленсери од областа на информатичката технологија и дигиталниот маркетинг, стручни консултанти, експерти и мн.др., се од повеќе аспекти погодени од глобалната пандемија на коронавирусот и сите нејзини негативни влијанија врз економиите во светот. Ваквиот развој на настаните во светот исто така придонесе луѓето да бидат принудени да ги менуваат своите начини на работа и работни навики. Многумина од нив работеа од својот дом, а имајќи го предвид тоа што воспитнообразовните институции за децата се затворени, некои од нив мораа да избираат помеѓу чување на децата дома или задржување на работното место. Денес, по 6 месеци од појавата на пандемијата, огромен процент од луѓето низ светот сè уште работат од дома. Овој начин на работа, случајно или не, се покажа позитивна последица од справувањето со пандемијата, бидејќи работата од далечина, односно од дома, се покажа доста успешна и за вработените и за нивните надредени, што ги натера извршните директори на некои од најпознатите американски и светски компании да објават дека работењето од дома може да биде на неопределено време, односно „вработените секогаш да работат од каде што сакаат, и каде што се најкреативни и најпродуктивни за компанијата.“ (Форбс, Мај 2020). Прва компанија што го објави ова беше Твитер, па по неа следеа Фејсбук, Сквер, Амазон, Мајкрософт, Зилоу и др.

Кога сме кај работењето од дома, тоа секако има големи предности од типот на флексибилно време за сработување на задачите од удобноста на домот. Меѓутоа, истата таа удобност честопати не може да ја произведе посакуваната продуктивност од пар причини што се последица, на пример, на фактот што целото семејство е дома, децата не одеа во училиште цели 3 месеци и во такви услови е екстремно тешко да се одржи соодветна работна атмосфера со ненарушена концентрација за оние кои работат од дома. Особено е важно да се истакне дека во пресрет на почетокот на школската година, иако сè уште неофицијално, јасно е дека децата и понатаму ќе продолжат со настава од дома, наместо да одат во училиште.

Нарушениот баланс помеѓу извршувањето на работните задачи дома од една страна и домашните и родителските обврски од друга, претставуваше мотив за хотелиерите од европските и американските метрополи да почнат да размислуваат и да реализираат нова понуда на услуги во своите сместувачки капацитети: Дел од хотелските соби да ги нудат како дневни канцеларии од 8 до 16 ч, во кои луѓето ќе имаат мир и тишина за работа и концентрација, одлична интернет конекција, и непречена атмосфера за продуктивно извршување на работните задачи. Услугата, попозната како „Home Office at a Hotel“, може да се користи на дневна основа, како и во пакет од 3, 7, 10 дена и на месечно ниво. Во Берлин, Виена, Амстердам и останатите европски економски центри десетици хотели веќе ја нудат оваа услуга, додека онлајн-платформата „HotelsByDay“, која покрај стандардната услуга за хотелски ноќевања, ја нуди и услугата за хотелска канцеларија уште од 2015 год во 1250 хотели, вели дека побарувачката за соби во улога на канцеларии во изминатите 3 месеци е зголемена за 900%. (Бизнис инсајдер, јули, 2020). Поголемите хотели ги користат и своите простори во лобито, рестораните, па и оние околу рецепцијата да создадат заеднички работни простории за дополнителни приходи. Ваквите заеднички работни простории во големите градови не се новост. Многу кафулиња, кафетерии и лаунџ-барови одамна се адаптирани за работење, а искористеноста е на завидно ниво.

Трендот е растечки во сите главни градови низ Европа и веќе почнува да се јавува и кај нас. Добро е да се знае дека во секое време постои опција луѓето да си обезбедат соодветен и непречен простор за работа, особено оние чија работа е врзана со рокови и побарува високо ниво на концентрација. Она што е потребно да се истакне е дека и при користење на услугата хотелска соба како работна канцеларија, хотелите го приоретизираат високото ниво на хигиена и сите ковид-19 здравствено-безбедносни хигиенски мерки што беа со протоколи утврдени и се облигаторни низ целиот свет. Фактот дека сите простории во хотелот, вклучувајќи ги и собите што се користат како работни канцеларии се беспрекорно чисти и дезинфицирани, дава дополнителна доверба при одлуката на луѓето да се одлучат за користење на оваа услуга во хотелите денес и во времето на постпандемијата.

Катерина Божиновска

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе