Што ја чека новата Влада? (6)

Неопходни се соодветни владини мерки и за компаниите од малопродажбата

Со помош на Стопанската комора на Македонија, МКД.мк објавува серија написи за тоа каква е состојбата во македонското стопанство во услови на пандемија. Главните елементи на овие секторски анализи се неизвесност, пад во производството во споредба со лани, намалени нарачки од странство и барања за помош од државата. Егзистенцијата на компаниите од малопродажбата е доведена во прашање, па неопходни се соодветни мерки од Владата.

Во ситуација кога повеќе месеци имавме вонредна состојба на целата територија на Македонија како дел од мерките за заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот, продавниците, супермаркетите и моловите беа делумно затворени. Голем дел од трговијата беше преусмерена на он-лајн продажбата и телефонски нарачки. Секторот малопродажба, особено компаниите кои вршат малопродажба во локали лоцирани во затворените молови, не беше опфатен со ниту една мерка, ниту пак се нагласуваа штетите кои секторот ги трпи.

Од друга страна, целокупната ситуација влијаеше на потрошувачкиот капацитет на граѓаните што дополнително го намалува прометот на овие компании, па малопродажбата беше доведена до стадиум на борба и баланс помеѓу ситуацијата –  желбата за неотпуштање на работниците и опстанок на компаниите.

Малопродажбата во овој момент обединува компании кои имаат околу 8.000 активно вработени лица. Нивната егзистенција ќе биде доведена во прашање ако на засегнатите компании не им се обезбеди непосредна помош преку соодветни мерки.

Владата и надлежните министерства понудија сет мерки за помош на останатите засегнати индустрии, додека за секторот малопродажба досега не беа понудени никакви мерки за справување со кризната ситуација.

„Ако Владата не донесе економски мерки и помош, тогаш финансиските тешкотии и последиците кои произлегуваат од неактивност во продажбата ќе бидат големи и далекусежни: зголемени корпоративни долгувања како резултат на извршената набавка на сезонски нарачки на колекции; неможност за плаќање на обврските кон добавувачите на роба како домашни така и странски; неможност за исплата на личен доход и надомест на половина од плата на работниците; неможност за сервисирање на ДДВ и други јавни давачки; неможност за сервисирање на кредити, камати и други финансиски побарувања; неможност за плаќање закупи што ќе резултира во раскинување на договорите за закуп и затворање на малопродажни објекти; отпуштање на работниците чија бројка ќе изнесува сигурно над 7-8.000 работници поради неможност за опстанок на работодавачите“, вели Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.

Секторот малопродажба е важен сегмент и многу битно е да се помогне, посебно што голем дел од населението се снабдува со производи кои се дел од палетата на продажбата во овој сектор што исто така е доведено во прашање доколку не се обезбедат соодветни мерки.

Од друга страна, големите ланци на маркети во овој период бележеа позитивни резултати во своето работење. Купувањето, пред сѐ на прехранбени производи во изминатиот период беше зголемено, директно или преку он-лајн нарачките.

(Продолжува)

ШТО ЈА ЧЕКА НОВАТА ВЛАДА? (1)

Пандемијата ја намали продуктивноста во градежништвото

 

Сѐ помалку нарачки за текстилците, ќе останат ли без работа над 40 илјади текстилни работнички? (2)

Фармацевтско-хемиската без проблеми, пад во металната и електро индустријата (3)

Пад на производството во енергетиката (4)

Лозарите имаат сериозен проблем (5)

 

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе