Заедничко соопштение на Народната банка со банките и штедилниците

НБРМ: Да запре ширењето непроверени и штетни информации за банкарскиот сектор

Банкарскиот сектор е најрегулираниот дел од економското живеење од огромно значење за економијата и општеството во целина, што се потврди во трите децении на независна држава во кој период овој сектор ја игра водечката улога во одржувањето на вкупната макроекономска стабилност, стекнувајќи притоа доверба од граѓаните и компаниите, соопшти Народната банка и информира дека поради ширењето невистинити и штетни информации во медиумите за банкарскиот сектор се одржа состанок со претставници на банките и штедилниците.

„Како и во годините досега, така и денес, банкарскиот сектор го преставува најздравиот дел на македонската економија и со тоа претставува јавно добро од интерес за целото наше општество. Истовремено, живееме во време кога новите технологии и интернетот даваат многу можности, но за жал во голема мера се користат и за ширење лаги и дезинформации коишто ги вознемируваат граѓаните и имаат потенцијал да нанесат економски штети. Со овие предизвици се соочува и нашето општество“, се вели во соопштението од Народната бакна.

Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА) уште еднаш сакаат да укажат на потребата од високо ниво на внимателност кога се работи за информации коишто се однесуваат на банките и штедилниците, се предупредува во соопштението.

„Тука нема место за шпекулации и тенденциозни дезинформации. За таа цел, ги повикуваме медиумите секогаш, пред да објават каква било информација поврзана со банките, штедилниците и банкарскиот сектор, да ја проверат од релевантни извори, за да можат да им ја пренесат вистинската слика на граѓаните и на економските субјекти. Исто така, апелираме до граѓаните и економските субјекти мошне внимателно да ги проверуваат информациите коишто излегуваат во јавноста поврзани со банките и штедилниците, бидејќи не е во прилог на јавниот интерес создавање какви било избрзани реакции коишто покрај тоа што го одземаат времето, создаваат и дополнителни трошоци“, се нагласува во соопштението.

Злонамерни појави на ширење шпекулации и неточни информации имало и ќе има, а вообичаено се пласирани од личности кои покрај тоа што не водат сметка за својата одговорност, пред сѐ поради кратковидоста на своите лични интереси, не ги земаат предвид далекусежните влијанија на тие невистини врз јавноста и врз општеството во целина, смета Народната банка.

„Затоа сакаме да апелираме до граѓаните и компаниите коишто имаат какви било прашања отворено да ѝ ги поставуваат на својата банка, на МБА или на Народната банка. Исто така, бидејќи банките се транспаренти економски субјекти, тие се обврзани и редовно објавуваат повеќе податоци за своето работење, коишто може и треба да се следат од сите заинтересирани граѓани и компании. Само на тој начин може да се заштитиме од пласираните невистини и да донесеме основана одлука за банката со која соработуваме“, се вели во соопштението.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе