НБО и АСО: Бегалците од Украина ослободени од плаќање гранично осигурување

Сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување, одлучи Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на иницијатива добиена од Владата.

„Со оглед на актуелната бегалска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина и појавата на бегалци на нашата граница се создаде неопходна потреба од изнаоѓање општо прифатливо и системски засновано решение за прием на возила со бегалци кои немаат зелена карта и не се во можност да купат гранично осигурување. Успеавме да обезбедиме издржано решение во рамки на можностите и согласно со надлежностите и условите. Во оваа ситуација за посебно истакнување е хуманиот пристап, ажурноста и ангажманот на сите 11 друштва за осигурување“, изјави Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.

Одлуката на НБО се однесува на сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја и ќе важи до 30 јуни годинава.

При носењето на одлуката НБО, во координација со АСО, се водеше од универзалните начела за солидарност и пружање помош за бегалци од воени подрачја.

„Ова е наш придонес со кој им посакуваме добродојде на лицата од Украина со статус на бегалци. Со овој чекор веруваме дека макар и малку ќе придонесеме за олеснување на нивната моментална положба. Сите членки на НБО покажаа исклучително силна солидарност и единство во барањето и наоѓање на решение со кое требаше заеднички да придонесеме во ублажување на тешката состојба во која се наоѓаат овие лица со статус на бегалци“, рече Трајче Латиновски, директор на НБО.

Оваа одлука беше донесена со консензус на сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување кои работат на македонскиот пазар за осигурување. Одлуката на Управниот одбор на НБО ја поддржаа: „Триглав Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, АДОР „Македонија ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Винер ВИГ“, „Еуролинк“, „Граве неживот“, „Уника“ и „Халк осигурување“.

Управниот одбор на НБО одлучи од својот Гарантен фонд да ги надомести сите евентуални штети во сообраќајот што би ги предизвикале тие возила во земјава.

 

 

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе