Нацевска: Мерките на НБ обезбедија солиден кредитен раст

Податоците покажуваат дека мерките преземени од Народната банка дадоа резултати во досегашниот тек на корона кризата, оцени вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, на вебинарот на тема „Монетарната политика, банките и кредитните пазари во ковид-19: справување, поддршка и последици", во организација на Универзитетот „Гоце Делчев" – Штип.

Како што соопшти Народната банка таа наведе дека  меѓу другото, условите за кредитирање и натаму се олабавени, што е видливо преку натамошното постојано намалување на каматните стапки на кредитирањето кои достигнаа историски најниски нивоа и дека во текот на измината година, кредитната поддршка не забави, што вообичаено се случувало во сите претходни кризни епизоди, туку беше обезбеден солиден кредитен раст.

„Општо земено, 2020 година беше година во знакот на пандемијата, при што во отежнато окружување, Народната банка со навремената реакција, преземањето соодветни мерки и зајакнатата комуникација со јавноста придонесе за успешно остварување на своите цели и стабилизирање на пазарните очекувања. Сето ова упатува на соодветно справување со кризата, овозможи услови за солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите, без притоа да се доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем. Сепак, ова не се времиња кога треба да сме некритички задоволни од постигнатото“, истакна вицегувернерката Нацевска.

Во својата презентација, вицегувернерката се осврна на монетарната политика во условите на пандемијата, при што покрај политиката на нашата централна банка, говореше и за политиките на ЕЦБ и ФЕД.

Нацевска, како што стои во соопштението, ги истакна и активностите на Народната банка коишто се однесуваа на девизниот пазар. Притоа таа посочи дека по изразениот притисок на девизниот пазар во првата половина од минатата година, состојбите постепено се нормализираа, при што Народната банка со редовните и навремени интервенции и овојпат успешно ја одбрани вредноста на домашната валута и обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот. Како што кажа, покрај директните интервенции на девизниот пазар, важни беа и т.н. „вербални интервенции“, односно укажувањата до банките при поголеми осцилации на нивните девизни курсеви во услови на задоволена побарувачка, како и засилената комуникација со јавноста.

Во презентацијата, стои во соопштението, е посочено дека комуникацијата со јавноста беше клучна за согледувањата на граѓаните и економските субјекти, бидејќи преку неа се обезбедуваат релевантни информации коишто се важни во носењето на нивните одлуки, од кои во одредена мера зависат и движењата на девизниот пазар.

Нацевска нагласи и дека е важно што веќе на средината на минатата година, Народната банка доби и поддршка од ЕЦБ во однос на засилување на капацитетите за интервенирање на девизниот пазар, преку позитивниот одговор на барањето за одобрување билатерална репо-линија.

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе