Одбележување на монетарното осамостојување

На денешен ден пред 29 години е воведен денарот, НБРМ стана центарлна банка

Изминаа точно 29 години од поставувањето на темелите на нашата монетарна самостојност – денот кога денарот го замени југословенскиот динар, а Народната банка започна да функционира како самостојна централна банка, исправена пред бројните предизвици во тие турбулентни времиња на раздвојување од дотогашната југословенска држава, рече во своето обраќање гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод годишнината и нагласи дека монетарниот суверенитет е една од основните компоненти на суверенитетот на секоја држава.

„Навраќајќи се наназад кон минатото, слободно може да кажеме дека монетарното осамостојувањето се одвиваше во исклучително тежок период чијашто главна одлика беше високата макроекономска нестабилност. Честите девалвации на курсот, кога речиси немаше девизни резерви, заедно со структурните проблеми, ја распламтуваа инфлацијата којашто достигнуваше и четирицифрено ниво, а сето ова имаше силни ефекти врз економијата и животниот стандард на граѓаните. Економијата бележеше пад сѐ до 1996 година, кога за првпат по осамостојувањето беше остварен економски раст од 1,2 проценти“, рече гувернерката.

Таа потсети дека за воспоставување стабилен макроекономски амбиент биле неопходни голема храброст, посветеност и професионализам на тогашниот тим на Народната банка.

„Напорите на Народната банка, заедно со другите носители на политики и на академската заедница, одиграа клучна улога за прекинување на инфлациската спирала и стабилизирање на курсот на домашната валута. Во 1995 година беше официјализирана монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот – стратегија за којашто и тогаш и сега постои широк консензус дека преставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија“, рече гувернерката.

Ангеловска-Бежоска оцени дека 24 години имаме макроекономската стабилност во услови кога нашата економија е мала, трговски и финансиски отворена и оттаму подложна на надворешни шокови.

„И покрај бројните надворешни, но и внатрешни шокови, Народната банка постојано успева да ја одржува инфлацијата на умерено ниво, слично на европското ниво. Ниската инфлација е од исклучително значење за заштитата на реалната куповна моќ на граѓаните, но и за одржувањето на конкурентноста на нашиот извоз без којшто малите економии како нашата не можат да остварат повисок и одржлив раст. Значаен придонес за одржувањето ниска и стабилна инфлација, како основна цел на централната банка, дава и стабилниот курс на домашната валута во однос на еврото. Претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, доведоа до речиси непрекинат раст на девизните резерви, коишто денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс. Потврда за здравоста на политиките коишто ги спроведува Народната банка е историскиот исчекор со обезбедување пристап до девизна ликвидност од Европската централна банка“, нагласи Ангеловска-Бежоска.

Таа смета дека клучот за досегашното успешно остварување на целите на Народната банка е токму нејзиниот силен институционален капацитет којшто се градел со години. Само високопрофесионална и независна институција може успешно да се справува со „тешките времиња", коишто кај нас не ретко ги има, нагласи гувернерката и како последен пример ја наведе пандемијата на ковид-19, којашто „иакo е битка за здравјето и животот на луѓето, за носителите на политиките е и битка за задржување на макроекономската стабилност и за намалување на ударот врз економијата“.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска изрази голема благодарност до сите сегашни и поранешни колеги и соработници, кои со својот влог, рече, дадоа и даваат придонес за она што сме денес – современа централна банка којашто работи согласно со најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики и се издвојува како позитивен пример во централнобанкарската заедница.

Нека ни е честита 29-годишнината од монетарното осамостојување!

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе