Регионален Форум на менаџери

Мукаетов: Нѐ очекува исклучително тежок период, кризата неминовно ќе се одрази врз работењето на компаниите

Бизнис-лидери од регионот, меѓу кои и Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зедоа учество на Форумот на менаџери, кој вчера се одржа на 18 октомври годинава во Белград.

Во рамките на овој еминентен бизнис-настан во организација на Српската асоцијација на менаџери – „САМ“, регионалните бизнис-лидери имаа свои излагања на теми од областа на економијата, енергетиката и прехранбената индустрија, трендовите во делот на менаџментот со човечките ресурси и работна сила, финансиските текови и претстојните предизвици на економски и бизнис-план од аспект на моменталните кризни текови. 

Во своето обраќање, врзано со темата за економските движења низ призмата на геополитичките настани, енергетската криза и регионот, Мукаетов истакна дека на светот му претстои исклучително тежок период, особено откако глобалната здравствена криза доби и предзнак воена, а потоа и енергетска. „Поскапувањето на енергенсите, транспортот, недостигот од суровини и амбалажа, неизвесноста во пласманот и достапноста на основните производи неминовно ќе се одразат на работењето на компаниите насекаде во регионот“, истакна Мукаетов.

На освртот околу вложувањата во услови на криза, кога компаниите вообичаено штедат на маркетинг и кратат инвестиции, Мукаетов изјави: „Во својата долга историја ‘Алкалоид’ надминал бројни кризи. Но, една од фактичките константи во сите 86 години од работењето на компанијата се инвестициите. Во последните 20-ина години нашите инвестиции интензивно ги насочивме кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи над 200 милиони евра во нови капацитети, истражување и развој, опрема, лаборатории, технологија, софтвер и персонал. Историски гледано, во изминатите 2 децении, кои јасно беа обележани со разни кризни предзнаци, продажбите на ‘Алкалоид’ пораснаа од 53 милиони евра во 2005 година на 207,6 милиони евра во 2021 година. Инвестициите ги гледаме како пат кон нашиот раст и развој и планираме да останеме на тој пат”.

Околу актуелните состојби во регионот поврзани со т.н. одлив на мозоци, Мукаетов го потенцираше значењето на инвестирањето во човечкиот капитал. „Како столбови на економиите на нашите земји, треба да најдеме начини квалитетните луѓе да ги задржиме тука. Човечките ресурси отсекогаш биле во центарот на вниманието на Алкалоид и наш императив е да изградиме компанија каде луѓето ќе бидат задоволни и каде својот потенцијал ќе го вложат кон заеднички успех, бидејќи имиџот на секоја компанија, нејзините вредности и кредибилитет се одраз на организациската култура и луѓето пред сѐ“, изјави Мукаетов.

На овогодишниот „САМ – Форум на менаџери“ со свои видувања за економските текови во регионот имаа бројни истакнати менаџери на српски компании и еминентни економски аналитичари, а видеообраќања, покрај Мукаетов, имаа и Емил Тедески, генералниот извршен директор на „Атлантик груп“, и Дејан Турк, генерален директор на „А1“ за Србија и за Словенија.

Од овој тематски форум произлегоа бројни пораки, но и препораки во делот на неминовното дополнително приспособување на бизнисот кон специфичните потреби на пазарот, земајќи ги предвид и неговите ограничувања поттикнати од моменталните кризни текови. Енергетската ефикасност и одржливоста беа посочени како главен предуслов за одржување на конкурентноста на компаниите и за справување со предизвиците кои произлегуваат од глобалните опаѓачки трендови во економијата. Изнесувајќи ги тезите во рамките на своето говорење, Мукаетов поентираше дека тешките времиња бараат и тешки одлуки, охрабрувајќи дека, сепак, зад секој предизвик стојат можности.

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе