Може да се очекуваат и дополнителни негативни последици од пандемијата со ковид-19 во бизнис секторот

Тешка економска година со многу предизвици, вака накусо бизнис секторот ја оценува 2021 година. Предвидувањата не се оптимистички – трендот на неизвесност ќе продолжи, а може да се очекуваат и дополнителни негативни последици од корона пандемијата.

Според стопанските комори, енергетската криза дополнително го усложни економскиот амбиент и ги покажа и слабостите на системот. Но, врз работењето на компаниите силен одраз имаа и политичките случувања по локалните избори.

Судејќи од оваа перспектива, можеби има простор да се констатира успешна година, но, за жал, економијата е многу покомплексен и сложен сегмент. Не се сите компании членки во некоја од коморите, што значи дека треба да имаме предвид уште многу други параметри за да дадеме таква констатација. Поради корона пандемијата, економијата и бизнисот претрпеа штети од кои се уште не закрепнале. Во споредба со 2020 година имаме над 2.000 компании помалку и секако, синџирот на снабдување е значително ослабен. Сепак, токму во период кога изгледаше дека се движиме позитивно кон закрепнување и враќање во нормала, не погодија енергетската криза и инфлацијата. Енергетската криза е сериозен проблем, вели за МИА извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Дрилон Исени.

Во однос на најавите за можен ценовен шок, Исени нагласува дека тоа ќе биде генерален проблем не само за компаниите, туку и за потрошувачите. Доколку тоа сценарио се случува, економската активност и куповната моќ може значително да се намали.

Со зголемувањето на цените автоматски може да се намали побарувачката, а со тоа да ослаби и синџирот на снабдување, што значи дека компаниите ќе произведуваат или увезуваат помалку за домашниот пазар. Покрај ова намалување на обемот на работа, компаниите се соочуваат и со енормно зголемени фактури на енергенси што значи дека колатерален ефект ќе биде намалувањето на работните места. Всушност, не само компаниите, туку никој не е подготвен за ценовниот шок што може да се случи. Државата има воспоставено механизми за спречување на каква било злоупотреба од страна на компаниите, но од друга страна нема механизми или мерки за нивно помагање, истакнува директорот.

Тој додава и дека ако кризата трае, а најверојатно ќе биде така, државата ќе треба да ги субвенционира ранливите социјални категории за справување со поскапувањето на основните производи за тие да не се претворат во „супериорни добра" што ќе можат да ги обезбедат само граѓаните чии примања се зголемени.

Во 2022 година треба да се фокусираме на надминување на кризата. Пред се, треба да се повлечат некои од одлуките на Владата како што се недела неработен ден, замрзнување на цените на основните производи. Да се воведе итна мерка за поддршка на социјално ранливите категории, враќање на долговите на државата кон бизнисите, враќање на ДДВ во најбрз можен рок. Цела администрација треба да се насочи кон поддршка на политиките за обновлива енергија, како и кон целосно искористување на буџетските капитални расходи при што ќе имаме поголеми придобивки во економски аспект, вели Исени и информира дека членките на СКСЗМ 2021 година ја заокружиле со успех. Некои дури и ги надминале своите очекувања, а ретки се тие што имаат негативен биланс.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO), Ајдован Адемоски смета дека пролонгираната здравствена и економска криза, ефективноста на политиките за ограничување на економската штета од пандемијата, развојот на финансиските услови и движењето на цените на добрата и услугите, како и на капацитетот за прилагодување на економијата, се главни причини за неизвесноста околу закрепнувањето на економијата.

Трендот на неизвесност ќе продолжи и во следната 2022 година во која се очекуваат дополнителни и негативни последици од пандемијата. Обидувајќи се да се справат со енергетската и економската криза на глобално ниво, компаниите се принудени да бараат решенија за обезбедување на потребните количини енергенси по најдобри можни цени во услови кога вредноста на струјата на светските берзи се продава и до пет пати поскапо од онаа која се набавуваше пред само неколку месеци. Моменталната состојба е прилично загрижувачка, бидејќи некои од големите компании кои можат да набават струја по 90 евра за мегават час, не можат тоа да го направат зашто немаат дозволи за увоз. Има некои фирми кои преку матичните компании од други земји може да добијат струја, но не можат тоа да го направат, бидејќи немаат механизам за пренос во нашата електро мрежа, а има и помали компании кои немаат начин како да увезат електрична енергија иако можат да ја платат, подвлекува Адемоски.

Покрај мерките и активностите за заздравување на економијата, потребно е, вели, да се креираат механизми кои ефикасно ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок. Акцентот во креирањето на политиките, според него, треба да се стави на инвестиции за дигитализација на услугите и поддршка на растот и развојот на компаниите.

Согласно политиките и мерките на Владата со цел решавање на енергетската состојба и економско закрепнување на компаниите, бизнис секторот очекува брзо справување со проблемите, враќање на состојбата пред пандемијата и ефикасно реализирање на Планот за забрзан економски раст за 2022-2026 година донесен во октомври оваа година. Воедно, се следи реализацијата на донесените пакет мерки насочени кон справување со негативните последици врз економијата, објаснува претседателот на МАТТО и уште еднаш повторува дека компаниите кои во моментов напредуваат, во услови на светска пандемија, се оние кои всушност реагирале брзо на промените.

Како и во 2020 година, така и во 2021-ва, укажува Адемоски, пандемијата продолжи да ги менува начините на кои компаниите се принудени да се прилагодуваат за да обезбедат опстанок со што помали последици во работата.

Со развивање нови трендови и воведување модифицирани технологии, компаниите и понатаму се принудени да пронаоѓаат начини за поефикасна подготовка на своите бизниси за 2022 година. Иако компаниите континуирано ги следат промените на пазарот и трансформациите кои влијаат врз нивниот бизнис, за многу компании во 2022 година ќе биде и понатаму важно да се преструктуираат или соодветно да го менуваат деловниот модел. Во претходните две пандемиски години, 2020 и 2021 година, имаше многу сектори кои беа целосно трансформирани, како што е угостителството и фирми кои организираат (менаџираат) настани. Така на пример, рестораните, односно дел од нив понудија услуги по посочени протоколи од надлежните институции се со цел да можат да опстанат на пазарот. Генерално, бидејќи компаниите мораа брзо да ги прилагодат своите активности со работење од далечна и работа од дома се наметна своевиден стандард кој повеќето компании ги принуди да го преиспитуваат својот деловен модел. Со работењето од далечна зависно од видот на бизнисот кај некои фирми дојде до зголемување на продуктивноста, додека кај други овој модел не се покажа идеален. Со воведувањето на видео конференциите, средбите лице в лице (состаноци, презентации, обуки) кои вклучуваат и дополнително време и трошоци за патувања, во 2021 година веќе не се стандард, туку избор и исклучок, истакнува Адемоски.

Тој потсетува и дека за бизнис секторот недостатокот на работна сила и натаму е исклучително сериозен проблем. Неопходно е да се стави фокус на ова прашање и да се помогне со цел креирање мерки и активности за задржување на младите, како и на квалитетната и квалификувана работна сила во државата.

Според претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, покрај актуелната енергетска и здравствена криза, горлив проблем остануваат и борбата со сивата економија и корупцијата, гасификацијата, поддршката на извозните компании и регулирањето на процедурите за издавање градежни дозволи кои директно влијаат врз инвестициите.

Тоа се четирите приоритети на кои ќе се фокусираме, а секако тука е и прашањето за оспособување кадри за потребите на бизнисот кој ќе биде константно третиран во наредното десеттлетие. Овие проблеми не се нови и нивното решавање бара многу енергија и истрајност. Но, кога имаш економска, финансиска, здравствена, енергетска и политичка криза во исто време, акцентот се става само на едно – да преживееме. Ни се сугерираше и пред почетокот на пандемијата – хибернација, бидејќи никој не знае до кога ова ќе трае, потенцира Азески.

Според него, годината беше тешка, а кризите станаа составен дел од нашите животи и работење.

Ова што во моментов го имаме беше над моите очекувања, зашто во такви услови да имаш вакви бројки е право чудо. Нормално дека тоа има своја цена и одраз брз буџетот. Но, токму продолжувањето на кризата ме прави да бидам помалку оптимист од секогаш. Тука морам да ја надополнам и политичката криза во која влеговме по локалните избори, што имаше силен одраз врз работењето на компаниите и создавањето подобар амбиент за стопанисување. Констатацијата на бизнис секторот е дека треба да се стремиме кон намалување на трошоците, зголемување на приходите и мислам дека како држава треба да бидеме крајно внимателни, нагласува Азески.

Во однос на енергетската криза, ставот на Азески е дека освен што го усложни и онака комплицираниот економски амбиент, ги покажа и слабостите на системот.

Енергетската криза која почна од средината на 2021 година како продолжение на здравствено-економската криза предизвикана од ковид, само го усложни и така сложениот економски амбиент во кој државата функционира уште од 2008 година и ги покажа слабостите на системот на државата. Без стратегија за енергетскиот сектор, без инвестиции во изминатите 30 години, во услови на лошо менаџирање и висока партизација во целиот изминат период, само го потврди фактот дека без сопствени енергенси или без континуирано и стабилно снабдување од увоз, стопанскиот развој на земјата е доведен под знак прашање, дециден е претседателот на најстарата и најголема бизнис асоцијација.

Стопанските комори и во оваа прилика укажаа дека при носењето на секоја одлука, Владата треба да го консултира бизнисот, особено во ваков период – на здраствена, енергетска и економска криза.

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе