Мицкоски не открива дали контактите кои ги нуди за набавка на евтина струја ќе ги достави до ЕСМ или до Министерството за економија, како што од него побараа првите луѓе на двете институции, но денеска преку фејсбук го покани на средба вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Нудам концепт не само за оваа есен и зима, туку и за следната година. Од сето ова политички поени не ме интересираат кога цената е иднината на Македонија и илјадници луѓе чии работни места се под знак прашање. Сакам вистински да се помогне, затоа што работите се пресериозни и поважни од суетата на кој било член на Владата“, напиша Мицкоски.
Премиерот Ковачевски, преку изјава за МИА, вели дека ова не е време за политички поени, покани за дуели и средби, туку време за заедништво и креирање на политики за добробит на сите граѓани. Тој додава дека за последната седница на Економски совет покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од опозициската партија не се појавил на седницата. Поканата била испратена и за наредната седница за в среда во 12 часот.
Директорот на ЕСМ Ковачевски и министерот Бектеши вчера го повикаа Мицкоски да им ги достави контактите што ги има за поевтини енергенси. Бектеши изрази подготвеност и лично да разговара со Мицкоски, а доколку тој не сака да ги објави контактите, тогаш му понуди да ги достави в понеделник до Министерството за економија.
Мицкоски пред два дена објави дека на Владата ѝ нуди енергетски план со кој ќе се заштедат 300 милиони евра преку неговите контакти со компании и државници во Германија, Швајцарија и Чешка. Тој тврди дека може да обезбеди поветини количини на мазут и природен гас.