Денешниот Светски ден на енергетска ефикасност годинава се одбележува во ек на енергетската криза, која што покажува колку е важно рационално да се користи енергијата и да се намалат трошоците.
Намалување на потрошувачката на електрична енергија во јавниот сектор преку користење обновливи извори на енергија, како и формирање на Фонд за енергетска ефикасност се главните цели на овој проект.
Од вкупната висина на заемот кој изнесува 25 милиони евра, 5 милиони евра инвестиции се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините. Во рамки на проектот 18 здравствени објекти веќе го имаат поминато првиот сеизмички скрининг и ќе станат енергетски ефикасни. Меѓу нив се универзитетски клиники и здравствени домови. Покрај инвестициите од 5 милиони евра за здравствените објекти предвидени се и 10,5 милиони евра за проекти за енергетска ефикасност во општините.
На објавениот јавниот повик се пријавени вкупно 54 проекти од 17 локални самоуправи, од кои најголемиот дел се однесуваат на објекти на образовни институции, односно училишта. Станува збор за општините Могила, Кавадарци, Охрид, Лозово, Дебрца, Дојран, Валандово, Гостивар, Ресен, Кичево, Центар, Демир Капија, Пехчево, Струга, Ранковце, Кисела Вода и Градот Скопје. Финансиската поддршка за единиците на локална самоуправа изнесува 100% од вредноста, при што 80% од прифатената инвестиција се подзаем, додека 20% се грант средства. Рокот за отплата е 7-12 години со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка која што е еднаква на каматната стапка на Македонија кон Светска банка.
Исто така, во рамки на Вториот МСИП проект, 36 општини обезбедија поволни финансиски средства за реализирање на своите капитални, инфраструктурни инвестиции. Потпишани се 37 договори за подзаем за реализација на 42 подпроекти, во вкупна вредност од 19,2 милиони евра. Од нив 24 општини целосно ги завршиле своите договори.
Проектот овозможува финансирање на капитални општински проекти од типот на водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност, модернизација и реконструкција на улици и патишта, набавка на возила за јавните комунални претпријатија, како и изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.