По стечајот на Еуростандард банка

МБА: Затворањето на една мала банка не влијае на банкарскиот систем

Македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот. Банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите – штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија, заклучи Македонската банкарска асоцијација која одржа состанок на кој се дискутираше за банкарскиот систем и улогата на Народната банка.

Во соопштението на Македонската банкарска асоцијација се наведува дека независна и професионална централна банка е еден од столбовите на стабилноста на банкарскиот сектор:

„Во изминатиот период сме сведоци на обиди за задирање во професионалниот пристап на работење на Народната банка. Со тоа се доведуваат во прашање и европските постулати и високите меѓународни стандарди на централнобанкарското работење, коишто се гаранција за макрофинансиската стабилност. Оттука, Македонската банкарска асоцијација во името на сите банки и штедилници во земјата, изразувајќи загриженост од ваквите појави, апелира до сите општествени чинители да не се дозволи да се доведува во прашање поставеноста и начинот на работа на централната банка, коишто во согласност со европските стандарди и регулатива се законски гарантирани".

Се нагласува дека важноста на независноста и професионалноста на Народната банка, постојано се нотирани од меѓународните финансиски институции, како и од Европската Унија. Истовремено, континуирано се високи и позитивни и нивните оцени за остварувањето на целите и задачите на Народната банка, како и за усогласеноста на севкупното нејзино работење со највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Вклучително и во текот на актуелната ковид-криза, кога уште еднаш се потврди дека Народната банка, суштински е стожерот на финансиската и севкупната макрофинансиска стабилност.

„Благодарение на вложениот максимум од Народната банка, македонската економија досега успеа да одговори на бројни предизвици и да совлада повеќе епизоди на криза. Доколку Народната банка не го дадеше својот максимум, во изминатите децении, македонската економија можеше да се соочи со низа негативни и подолготрајни ефекти од случувања коишто ја засегаа и коишто креираа неизвесност кај економските субјекти. Без финансиската и макрофинансиската стабилност коишто со своето успешно, професионално и законито работење ги гарантира Народната банка, не може да се очекува ни просперитет на економијата", заклучуваат од МБА и додаваат дека не треба да се заборави дека независноста и професионалноста кои се клучни за успешното работење на централната банка се и важен предуслов за евроинтегративниот процес на земјата, имајќи ги предвид европските стандарди и принципи, како и европското законодавство, коешто во голем дел е транспонирано во македонската регулатива.

Во периодот на зголемен број новозаразени лица, членките на Асоцијацијата апелираат што повеќе да се користат електронските канали за пристап до банкарските услуги и плаќањето со картички во малопродажната мрежа. На тој начин се намалуваат ризиците за ширење на пандемијата.

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе