Како да се премости енергетската криза

Манасков: За спас од кризата треба да се формира македонска енергетска берза

„За спас од енергетската и економската криза во Македонија во моментов неопходно е да се поддржи предлогот од Стопанската комора за енергетика на Македонија за формирање на Македонска енергетска берза". Ваков повик синоќа упати претседателот на Комората за енергетика Ѓорѓи Манасков. Тој нагласува дека оваа комора била прва во регионот која уште пред една година предупреди дека доаѓа светска енергетска криза и дека државата мора да изготви мерки со цел да обезбеди доволно струја кризниот период да се премости.

„Цените на струјата од ден на ден растат на светските берзи и прашање е како ќе ја издржиме зимата. Некои берзи предвидуваат дека цената за декември ќе расте и над 369 евра за мегават. Додека во светот владее голема загриженост, властите во земјава велат дека имаат контрола. Јас уште пред неколку месеци директно предупредив дека ако не се преземат итни мерки дека земјава ќе се соочи со енергетска криза, а минатиот месец му упатив порака на министерот за економија дека му бега контролата врз состојбите", вели Манасков во разговор за МКД.мк.

Тој нагласува дека власта греши кога за енергетските проблеми главно се насочува кон Стопанската комора на Северна Македонија која, вели, го нема капацитетот за анализи на состојбите со енергетиката и берзите, а и дека претседателот на таа комора Бранко Азески не изнесува стручни предлози.

Манасков вели дека уверувањата од Владата дека кризата ќе се премости со ставањето во погон на блокови од ТЕЦ Битола и Осломеј, се проблематични затоа што, како што нагласува, јагленот што ќе биде купен треба време за да биде транспортиран.

„РЕК Битола не може да стартува брзо, бидејќи најнапред ќе треба да се изврши огромниот и сложен транспорт на јаглен од Косово со можеби 500 камиони, освен тоа јагленот се наоѓа во сега актуелната конфликтна зона во Косово, каде растат тензиите меѓу тамошните власти и српското население, што секако треба да се има предвид кога станува збор за потреба од итна испорака. Освен тоа, блоковите во термоцентралите не се ремонтирани. Во моментов имате цели државни институции кои немаат обезбедено струја", предупредува Манасков.

Тој вели дека цените на струјата одат нагоре, но нагласува дека самата цена нема да биде главниот проблем, туку тоа што ќе нема од каде да се купи струја.

„Се соочуваме со проблем од недостаток на струја на пазарите. Ќе треба зимава да се изржи. Загриженоста во светот расте", нагласува Манасков.

Минатата недела предупредување до Владата во поглед на кризата со струјата пристигна од Стопанската комора на Северна Македонија по што имаше средба со преставници на таа Комора и претставници на Владата, на Регулаторната комисија за енергетика и на енергетските претпријатија, па се донесе и таа одлука за интервентна набавка на јаглен за термоцентралите во Битола и Осломеј. Се чини алармот тогаш беше вклучен. Но, Манасков реагира дека оваа констатација не е точна.

„Алармот навреме го вклучи Стопанската комора за енергетика. Но Владата вообичаено не ги слуша препораките од нашата Комора, некогаш имаат игнорантски однос, некогаш како да се навредуваат од нашите констатции кои се добронамерни и се во функција на заштита на ефикасноста и издржливоста на енергетскиот сектор. Нашата цел е информативна и предупредувачка. Ние не велиме виновна е Владата или виновни се снабдувачите, туку предупредуваме на состојби и нудиме решенија. Тие решенија важат за конкретен период.  Стопанска комора на Северна Македонија пак, нема капацитет ниту стручни екипи за вакви крупни енергетски настани. Капацитетите се во нашата комора", вели Манасков.

Но сепак, средбите на владините и претставниците од енергетскиот сектор со Стопанската комора на Северна Македонија продолжуваат и се носат мерки, кои набрзо ќе бидат дискутабилни, вели Манасков и додава:

„Нивниот прв човек, Бранко Азески повеќе зборува политички, тој стручно не ги гледа работите. Неговите изјави практично не се точни. Неговата стратегија е како да се договорат со Владата. Е, така не треба да одат работите. Енергетиката е стручна област, треба конкретни бројки, статистика, анализа. Азески вели дека се виновни лиценцираните снабдувачи со струја. И дека треба да им се одземат лиценците. И? Па тогаш кој ќе донесе доволно струја? Тие во таа комора и не ги следат соодветно берзите! Ние имаме посебен кабинет каде дневно се следат цените на берзите, анализираат наши стручни луѓе, експерти, академици... Затоа ние една година однапред алармиравме дека има неповолни движења на пазарите. Знаевме како се движат и во кој правец растат цените".

Тој ѝ забележува на Владата дека на лиценцираните снабдувачи всушност требаше да им се помогне. Сега, вели, веќе можеби е доцна, бидејќи мал број останаа во функција.

„Владата ја молевме да ја има предвид состојбата во која се најдоа снабдувачите. Ако нив им се одземат лиценците, тогаш ќе мора Владата да биде снабдувач, но тогаш во старт набавната цена ќе биде голема. Требаше на снабдувачите да им се помогне, тие сега струјата ја набавуваат по повисока цена, а ја продаваат по пониска. И ќе банкроитраат“.

На забелешката дека, како што изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, дека цените се утврдуваат во јуни и потоа не порано од декември и дека затоа снабдувачите се обврзани со продажни цени, Манасков вели дека тоа е така, но дека во вонредни состојби во каква што сега се наоѓа земјата, треба да се носат и вонредни одлуки.

„Станува збор за светска криза, за вонредна, непредвидлива состојба. Мора да се носат мерки и на снабдувачите да им се помогне. Правно гледано, снабдувачите не можат да ги раскинат договорите, а веднаш би ги искинале документите бидејќи трпат загуби. Велат дека набавиле струја од МЕПСО. Може ли некој дома да ти влезе и да ти земе нешто без да му го дозволиш тоа, се разбира не. Апелирав, во септември да се замрзне цената на струјата како што тоа се направи во некои земји, кога цената беше до 120 евра. Со цел, потоа да не ги плаќаме високите ценовни пикови. Со една таква државна одлука, верувам дека потоа ќе можеше преку соодветните европски фондови, какви што се пандемиските фондови, да се добие помош за обесштетување на граѓани и фирми, како и за лиценцираните снабдувачи. Освен тоа, има дупки во законите кои треба да се пополнат за да има една балансна група и да не се случува ценовните разлики да бидат на грбот на народот", вели Манасков.

Тој предупредува дека не смее да се дозволи на граѓаните да им се зголеми цената на струјата, затоа што тоа катастрофално ќе се одрази на нивниот семеен буџет, но неминовно е дека цената за индустријата ќе расте.

П.Џ.

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе