Реакција

Макканабис: Нема потреба од банкарска гаранција како услов за лиценца, а мора да се дозволи и извоз на сув цвет

Производителите на медицински канабис - Макканабис, апелираат до Владата и Собранието во однос на измените во законот, одобено во однос на заострување на условите за добивање лиценца за производство на медициснки канабис.

Во однос на предлогот за банкарска гаранција за новите компании кои сакаат да извадат лиценца, од здружението Макканабис велат дека таква гаранција воопшто не е потребна, затоа што како приватни субјекти кои инвестираат, продуктот не се продава на Владата, ниту пак Владата овозможува какво било субвенционирање. „Владата не распишува тендер за набавка на производ, а со тоа банкарската гаранција да може да се активира доколку не се испорача од операторот. Доколку некогаш распише тендер за набавка на производ, нормално тогаш ќе се бара банкарска гаранција“, велат од Макканабис.

Во однос на условот за вработување на минимум 15 лица, наместо досегашните 4, од Макканабис велат дека досега во кој било приватен субјект никогаш не се барало минимум број на лица. „Може како и досега да остане потребниот кадар, но ако таа бројка се зголеми од самиот почеток, тоа ќе го направи македонскиот пазар неатрактивен. Лицата се вработуваат веднаш по основање на фирмата, а тоа всушност значи дека тие до првото засадување немаат никаква работа. Во земјава тоа во просек значи 12 месеци од нивното вработување. Сега тој број се бара да биде 15 лица. Ниту финансиски е исплатливо, ниту пак има потреба“, велат од здружението.

Предлогот 10 отсто од годишната добивка да се уплаќа на посебна сметка е неприфатлив затоа што ваква давачка во никаква форма не постои никаде во свет. „Да напоменеме, станува збор за фирми кои одгледуваат канабис како медицина – лек. Доколку се дозволи вакво нешто, тогаш бараме веднаш истата мерка да се воведе и на производителите на лекови – Алкалоид, Реплек и слични. Истава мерка да се пропише во законот за лекови и медицински помагала. Само така ќе се изедначат сите производители на лекови“.

„Ја поздравуваме мерката за овозможување на извоз на цвет, не како досега само маско/екстракт. Но, проблемот со неможноста за регистрација на производ во МАЛМЕД останува, не можеме да направиме никаков извоз во земјите од ЕУ поради немање на ЕУ ГМП сертификат. А за да го добиеме потребна ни е регистрација на производот во МАЛМЕД. Значи не станува збор за краен производ – шишенце од 10 мл, туку за големи извозни пакувања од 1 литар кој аптеките во ЕУ понатаму ќе го продаваат како генерички лек. Без Владата да даде прецизни насоки на МАЛМЕД и на Царинската управа, пак ќе остане само напишано на хартија дека може извоз, а а во реалноста всушност нема да може. Апелираме Владата да го задолжи Министерството за здравство, да направи задолжителни обуки на лекарите особено до специјалностите за кој може и сега да се пропише рецепт, да се  ослободат од тоа да пропишуваат само готово шишенце. Да се мотивираат аптеките, како што е во закон, да набават од производителите и сами да го прават мешањето на концетрациите. Како што е и во земјите од ЕУ. Со сегашниот принцип на работа само се поддржува монопол – а цената ја плаќаат пациентите повеќекратно од потребното. На пример, пациент со карцином плаќа 12.000 денари за да му се намалат мачнините и повраќањето по примена хемо-радио терапија за 10 дена. Со мотивирање и едукација на аптеките како и задолжување до МАЛМЕД да го регистрира производот на големо, истата терапија не би коштала повеќе од 2.500 денари“, реагира Макканабис на најавените измени во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. 

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе