Нова злоупотреба

Лукаревска: Уште 306 работодавачи зеле пари од државата, а не им дале плати на врaботените

Уште 306 работодавачи кои добиле финансиска поддршка од државата од 16.305.020,00 денари не им исплатиле декемвриска плата на 992 вработени. Тие ќе добијат опомени, а по истекот на рокот и присилна наплата, информираше денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„За овие работодавачи Управата за јавни приходи изготви и достави опомени и за неисплатената плата, а по истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја исплатат платата ќе следи поведување на постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи“, рече Лукаревска.

Најголема злоупотреба на финансиската поддршка е во дејноста трговија на мало, а најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје, Тетово и Гостивар.

Според податоците што ги изнесе Лукаревска, меѓу оние кои ги злоупотребиле парите 78 работодавачи се од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 2.219.584 денари и не исплатиле плата на 145 вработени, 44 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 2.239.825 денари и не исплатиле плата на 130 вработени и 26 фирми од дејноста градежништво, примиле помош од 944.106 денари, а не исплатиле плата на 57вработени.
Останатите компании се од дејностите транспорт, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли и услужни дејности. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје - 92 фирми, Тетово - 63 и Гостивар - 16.

Лукаревски рече дека по спроведените мерки и активности од страна на УЈП намален е бројот на компаниите кои сѐ уште не ја исплатиле октомвриската и ноемвриската плата, и тоа за октомври е намалено од 179 на 11 компании, а во ноември од 245 на 24 компании. Октомвриска плата сѐ уште не зеле 34 вработени, а во ноември 50 вработени. Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата на неисплатената плата од парични средства на трансакциска сметка. Намален е и бројот на компании кои не исплатиле плата за април, мај и јуни 2020 година. Така што по постапката за присилна наплата, со состојба на 2 февруари 2021 година сѐ уште не е исплатена плата за април од страна на 47 компании за 102 вработени, 33 компании за мај не исплатиле плата на 63 вработени и плата за јуни не исплатиле 54 компании за 145 вработени. Вкупниот број на компании кои сè уште не исплатиле плата за еден, за два или за сите три месеци (април, мај и/или јуни) е 109. За овие работодавачи доставени се детални податоци во Јавното обвинителство за покренување на кривична постапка, и кај истите се извршени контроли во координација со Државен инспекторат за труд.

Инаку, со состојба од 2 февруари 2021 година, на 13.160 работодавачи им е исплатено вкупно 961.709.306,00 денари за исплата на декемвриската плата на 60.974 вработени.

 

 

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе