Во УЈП

Лукаревска: Почнува исплатата на повратот на ДДВ, граѓаните што скенирале ќе добијат 8,567 милиони евра

Почнува исплатата од МојДДВ за второто тримесечје, односно за периодот октомври, ноември и декември 2019 година и на 197.819 граѓани ќе им бидат вратени 238.075.865 денари, соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, која оцени дека мерката дава резултати, односно дека е популарна меѓу граѓаните и оти се бележи раст на наплата на ДДВ во перидот откако почна да се применува.

Мерката МојДДВ се применува од 1 јули 2019 година. До 31 јануари 2020 година апликацијата за скенирање фискални сметки ја имаат преземено 236.442 граѓани, скенирани се 66.885.228.000 фискални сметки, со вкупен промет од 32.456.740.434 денари, со вкупен ДДВ од 3.512.292.634 денари и поврат од 15 отсто е во износ од 526.843.896 денари, односно 8,567 милиони евра.

Лукаревска на прес-конференција информираше дека заклучно со 31 декември 2019 година исплатени се пари на 147.251 граѓанин во вкупен износ 157.780.662 денари и додаде дека сѐ уште е во тек исплатата за првото тримесечие за оние граѓани кои имале грешки и направиле корекција на своите  трансакциски сметки. Таа додаде дека на секој граѓанин кој скенирал фискални сметки му следува поврат ДДВ и ќе го добие повратот на својата трансакциска сметка.

Според Лукаревска, мерката покрај повратот на ДДВ кај граѓаните ја исполнува и другата цел, намалување на сивата економија.

„Наплата на ДДВ е остварена во износ од 52 милијарди денари во 2019 година, што е за 5,7 проценти повеќе од остварениот износ во 2018 година кога наплата на ДДВ изнесуваше 49 милијарди денари. По воведувањето на МојДДВ, споредена со месеците јули-декември 2019 година со периодот јули-декември 2018 година покажува зголемување во просек за 11,2 проценти“, рече Лукаревска.

Таа, исто така кажа дека е зголемено пријавувањето од граѓани за нерегуларности поврзани со неиздавање фискални сметки, па така на линијата 198 од почетокот на оваа мерка има вкупно 1.687 што е повеќе од двојно зголемување во однос на периодот јули-декември 2018 година кога имало 741 пријава.

Лукаревска посочи дека во спроведените контроли констатирани се неправилности, како неиздавање фискални сметки, користење компјутерски сметки, непоседување на резервен фискален систем на опрема, како и непоседување и неевидентирање на податоци во книгата за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга.

Во врска со случајот со инспекторот во УЈП Тетово кој беше приведен поради примање поткуп, рече дека станува збор за изолиран случај што не е честа појава во општеството.

„Очигледно дека станува збор за изолиран случај којшто не е честа појава во општеството. Генерално во УЈП максимално сме посветени на транспарентно и законито работење на сите инспектори и даночни контролори. Сепак, секој инспектор си одговара сам за себе колку ги почитува законските одредби и колку ја злоупотребува својата службена должност. Му благодарам на обврзникот што се охрабрил да го пријави ова дејство. Понатаму ќе видиме како ќе се одвива целиот овој процес за инспекторот којшто е и поранешен управник на Регионалната дирекција-Тетово“, рече Лукаревска.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе