Извештај на Меѓународната организација на трудот

Луѓето кои работат од дома имаат полоши услови и треба подобро да се заштитат

Пандемијата на ковид-19 драматично го зголеми бројот на луѓето што работат од дома, а многу од нив имаат лоши работни услови и недоволна заштита, пишува во извештајот на Меѓународната организација на трудот (МОТ). Според податоците на МОТ, пред кризата од дома работеле околу 260 милиони луѓе во светот.

МОТ оценува дека е потребна подобра заштита за оние кои работат од дома и дека нивната работа којашто се одвива во приватноста на домот и затоа честопати е „невидлива“. Притоа како пример се наведуваат земјите со низок и среден приход, во кои речиси сите работници што работат од дома (90 проценти) работат неформално.

„Работниците кои работат од дома вообичаено се соочуваат со полоши услови од оние кои работат надвор од домот, дури и во професии со високи квалификации. Работниците што работат од дома во просек заработуваат 13 проценти помалку во Обединетото Кралство, 22 проценти помалку во САД, 25 проценти помалку во Јужна Африка и околу 50 проценти помалку во Аргентина, Индија и Мексико.

Работниците што работат од дома, исто така, се соочуваат со поголеми безбедносни и здравствени ризици и имаат помали можности за пристап до обуки во споредба со работниците што не работат од дома, а тоа може да влијае на нивните можности за кариерен напредок“, пишува во извештајот.

Во него, исто така се наведува дека оние што работат од дома немаат исто ниво на социјална заштита како другите вработени лица, а помала е веројатноста овие вработени лица да се дел од синдикат или да се опфатени со колективен договор.

Според процената на МОТ, пред ковид кризата во светот имало околу 260 милиони работници кои работеле до дома, што претставува 7,9 проценти од вкупната вработеност, а 56 отсто од нив или 147 милиони биле жени. Тука се опфатени оние кои работат од далечина на постојана основа и бројни работници кои се вклучени во производство на стоки што не може да се автоматизира, како што се ракотворби, везење, склопување електронска опрема. Другата категорија, работници на дигитална платформа, обезбедува услуги како што се обработка на побарувања од осигурување, уредување и лекторирање на текстови, анотација на податоци за обука на системи со вештачка интелигенција.

Од првите месеци од пандемијата предизвикана до ковид-19 во 2020 година, проценката е дека еден на секои пет работници работел од дома, но податоците за цела 2020 година, откако ќе бидат достапни, се очекува да покажат значителен пораст на оваа бројка.

Порастот на работењето од дома веројатно ќе продолжи и во следните години, вели извештајот, и повторно ќе добие на важност потребата од справување со прашањата со кои се соочуваат работниците што работат од дома и нивните работодавачи.

Работењето од дома честопати не е доволно регулирано, а усогласеноста со постојните закони и понатаму претставува предизвик. Во голем број случаи, работниците од дома се класифицираат како независни изведувачи и следствено се исклучени од опфатот на трудовото законодавство.

„Голем број земји ширум светот имаат законодавство, некаде дополнето со колективни договори, со кое се уредуваат различни недостатоци на достоинствената работа поврзани со работењето од дома. Сепак, само 10 земји-членки на МОТ ја имаат ратификувано Конвенцијата 177, која промовира еднаков третман на работниците од дома и другите приматели на плата, а само неколку земји имаат сеопфатна политика за работење од дома,“ вели Џанин Берг, виш економист на МОТ и еден од авторите на извештајот.

Извештајот содржи и конкретни препораки со кои ќе се даде поголема видливост на работата од дома, а на тој начин и подобра заштита. За индустриските работници што работат од дома се истакнува важноста од олеснување на нивниот премин во формалната економија со проширување на правната заштита, подобрување на усогласеноста, генерализирање на договорите во писмена форма, обезбедување пристап до социјална заштита и подигнување на свеста на оние кои работат од дома за нивните права.

За работниците на дигитални платформи кои работат од дома и чии активности предизвикуваат посебни предизвици за усогласеноста, затоа што работат за работодавачи во повеќе земји, извештајот се залага за користење на податоци генерирани од нивната работа за следење на работните услови и алатките со цел утврдување на фер плата.

За работниците од далечина, извештајот ги повикува креаторите на политики да воспостават конкретни активности за олеснување на психолошките и социјалните ризици и воведување на „правото на исклучување“, со цел да се обезбеди почитување на границата меѓу приватниот и деловниот живот.

Владите, во соработка со организациите на работодавачите и на работниците, треба да работат заедно за да обезбедат сите работници што работат од дома - без разлика дали ткаат ратан во Индонезија, прават шеа путер во Гана, означуваат слики во Египет, шијат маски во Уругвај, или работат од далечина во Франција – да преминат од невидливиот сектор кон достоинствена работа.   

 

 

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе