Според премиерот за почит е што токму на местото на поранешното наоѓалиште за јаглен кое беше загадувач на животната средина, сега имаме капацитет кој е подготвен од сончева, да произведува чиста и зелена енергија.
„Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни. Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина. Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан. Токму поради тоа овој проект е реализиран со кредитна поддршка од Европската банка за обнова и развој која ги препозна заложбите на државата да се насочи кон производство на енергија од обновливи извори", рече Ковачевски.
Официјалното пуштање во употреба на оваа фотоволтаична електрана, веднаш по завршувањето на тест периодот, значи почеток на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј" и Кичевскиот регион, додаде премиерот и рече дека ЕСМ работи на нова студија за уште една електрана од 10 мегавати, а потпишани се договори за изградба на уште две фотонапонски електрани со што „Осломеј" од јаглен целосно ќе премине на користење на обновливи извори на енергија.
Договорите од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер и од друга страна со „Фортис Енерџи" од Турција во едната електрана, а со „Солар про" од Бугарија во другата. Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,50% од произведената електрична енергија за час. Од овие инвестиции државата се очекува да заработува околу 1,5 милиони евра годишно.
Ковачевски рече дека Владата ја донесе новата Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, која целосно е базирана на Европскиот зелен договор и веднаш започна со нејзина имплементација.
Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски централи и ветерни централи и тоа со реномирани компании кои доаѓаат од ЕУ, како што се „АКУО" од Франција и „WPD" од Германија кои се водечки компании во Европа за развој на проекти од обновливи извори на енергија.
„Процедурата за изградба на Чебрен е во втора фаза, очекуваме до средина на годинава да се донесе одлуката за избор на најповолен понудувач. Најважниот проект за енергетската транзиција на Република Северна Македонија конечно ќе дојде до фаза на реализација. Во време на криза, преземаме храбри чекори и инвестициски проекти кои го трансформираат енергетскиот систем и кои се насочени кон користење на обновливи извори на енергија, енергетска независност и заштита на животната средина. Во овој контекст, сакам да истакнам дека го поддржуваме Европскиот зелен договор за одржлива економија претворајќи ги климатските и еколошки предизвици во можности и зелена транзиција, од која ќе имаат придобивки и државата и граѓаните", рече во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски.