Според него, со направените вложувања во изминатиот период во сопствена опрема и работата на рудниците на ЕСМ, со рационализација и операционализација на трошоците, намалена е производната цена на РЕК „Битола" на околу 58 до 60 евра за мегават час произведена електрична енергија.
„Сепак цената на електричната енергија што ја нуди ЕСМ не зависи само од РЕК „Битола", туку и од другите наши капацитети од кои дел работат на мазут. Па затоа колкаво ќе биде поскапувањето на струјата, доколку го има, ќе зависи од цените на берзите на мазутот, но и на природниот гас што ќе биде неопходен ако во системот се вклучи да работи ТЕ-ТО", рече Ковачевски при денешната посета на рудникот „Суводол".
Ковачевски најави дека на крајот на неделава ќе заврши ремонтот на Блокот 1 во РЕК „Битола", а до крајот на месецот се очекува да стигне и трансформаторот за Блокот 3, со што од почетокот на ноември ќе може да бидат ставени во функција трите блока на РЕК „Битола".
„Не може еден бербер да плаќа иста цена на електрична енергија како и комунално јавно претпријатие или некоја друга институција, која во последно време е префрлена на регулираниот пазар", истакна Ковачевски.
Како што истакна тој, по воведувањето на блок-тарифите има намалена потрошувачка на струја и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум" во своите планови бара помалку од 15 до 17 отсто енергија од АД ЕСМ. Тоа, како што истакна, позитивно ќе влијае за намалување на цената на електричната енергија, а дополнително на тоа позитивно ќе влијаат и најавите од Регулаторната комисија за енергетика дека ќе бидат воведени блок-тарифи и за малите потрошувачи со цел и тие да се стимулираат да штедат енергија.